1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Европа здивна - фондот за спас на еврото мина во Берлин

29 септември 2011

Пред новиот европски финансиски фонд е тргната голема препрека, откако денеска (29.09) пратениците во германскиот парламент го изгласаа неговото проширување. Предлогот е поддржан и од опозицијата.

https://p.dw.com/p/12j7j
Германската канцеларка Ангела Меркел и министерот за финансии Волфганг ШојблеФотографија: dapd

Пратениците во германскиот парламент со големо мнозинство го изгласаа одобрувањето за проширување на европскиот фонд за спас на задолжените земји-членки на еврозоната.

Германија со тоа стана 11-та од вкупно 17 земји-членки на еврозоната која го прифати планот за финансиско зајакнување на заедничкиот фонд и проширување на неговите надлежности.

Германија во иднина ќе придонесува со 211 милијарди евра во заедничкиот фонд, речиси двојно зголемување од сегашните 123 милијарди евра. 523 пратеници гласаа „за“ одобрување на дополнителните средства, наспроти 85 кои беа против. Предлогот го поддржаа и мнозинството од опозициските пратеници.

И покрај шпекулациите во пресрет на гласањето, канцеларката Ангела Меркел, сепак, успеа да го обезбеди мнозинството во нејзината коалиција за предлогот, со што истовремено избегна и нова голема политичка криза.

„Добро е што Бундестагот гласаше за фондот со толку големо мнозинство. Европа и половина од светот гледаа денеска кон Германија“, изјави владиниот портпарол Штефен Зајберт.

Судбински ден за Меркел

Германскиот печат го прогласи денешниот ден за „ден за одлука за еврото“ и „судбински ден“ за Меркел.

Deutschland Bundestag Debatte Euro-Rettungsschirm Schuldenkrise Abstimmung
Фотографија: dapd

Шефот на дипломатијата Гидо Вестервеле оцени дека гласањето е „сигнал до европските партнери оти можат да сметаат на Германија“.

„Денешната одлука е важен придонес за излез од должничката криза и стабилизирање на еврото“, рече Вестервеле.

Исходот од гласањето го поздрави и еврокомесарот за економија, Оли Рен, а неговиот портпарол изрази надеж дека сите земји од 17-члената еврозона ќе го изгласаат проширувањето на фондот до средината на октомври годинава.

Ревизорите во Атина

Во истовреме, во Атина, ревизорите на ЕУ, Европската Комисија и ММФ ги разгледуваа спроведените мерки на грчките власти пред да ја одобрат следната транша од помошта за земјата во износ од 8 милијарди евра. Германскиот министер за финансии Волфганг Шојбле најави дека одлуката на ниво на еврозоната најверојатно ќе биде донесена на 13 октомври.

Griechenland Finanzkrise
Во Грција продолжија протестите и покрај денешната посета на европските ревизориФотографија: dapd

Грција се‘ уште ги очекува парите од првата транша од помошта од 110 милијарди евра која и‘ беше одобрена минатата година. Во меѓувреме, ќе треба да мине и вториот пакет помош кој беше одобрен во јули годинава, во износ од 159 милијарди евра. Но, аналитичарите не се сигурни дека германскиот парламент ќе биде толку дарежлив како во случајот со денешното проширување на европскиот фонд.

„Ставањето на тацна на парите на даночните обврзници за да и‘ се помогне на Грција нема да биде толку лесно како проширувањето на спасоносниот фонд за Европа“, оценува Холгер Шмидинг од германската Беренберг банка.

Автор: Борис Георгиевски/афп

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска