1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Европа и САД го кренаа показалецот

Елизабета Милошевска Фиданоска11 август 2008

Буш со остро предупредување до Русија, Европа посредува во конфликтот со барање за итен прекин на огнот.

https://p.dw.com/p/Eupr
Конфликтот во Јужна ОсетијаФотографија: AP

Советот за безбедност на ОН не може да се договори околу предлог резолуцијата за судирот во Грузија. Денеска треба да биде направен петтиот обид по ред за неколку дена, за да се дојде до заеднички став. САД имаат намера преку предлог резолуцијата да издејствуваат прекин на огнот во Кавказот. Според американскиот амбасадор во Советот за безбедност, Залмеј Калилзад, доколку Русија не попушти и не се откаже од насилство, тоа ќе има последици за односите на Русија со САД и другите членки на меѓународната заедница. Американскиот претседател, Џорџ Буш, денеска прилично остро оцени дека Русија претерува во своите реакции. Тој и на рускиот претседател, Медведев и на премиерот Путин, им ја пренесол истата порака: „Реков дека насилство е неприфатливо. Ја изразив мојата голема загриженост поради несразмерниот одговор на Русија.“

Европската комисија бара од Русија веднаш да запре со секакви воени дејства на грузиска територија

Европската комисија е многу загрижена поради страдањата на цивилите и најави дека, покрај веќе договорената итна помош од еден милион евра, можно е да се даде дозвола за дополнителни средства за помош доколку за тоа има потреба.

НАТО, денеска на кризна седница поради ситуацијата во Грузија, според дипломатски извори, треба да договори изјава во која ќе се потврди територијалниот интегритет на Грузија, инаку членка на Партнерството за мир од 1994 година и од Тбилиси и Москва ќе се побара наоѓање мирно решение на кризата.

Пред седницата на НАТО, генералниот секретар на сојузот, Јаап Де Хоп Шефер, изјави дека е многу загрижен поради несразмерната употреба на сила од страна на Русија и непочитувањето на територијалниот интегритет на Грузија.

Според претставите на Полска, Литванија и Украина, пак, во кризниот регион треба да се испратат мировни трупи на ЕУ. Претходно треба да се обезбеди прекин на огнот.

Меркел не го менува планот и оди на разговори со Медведев

Германската влада повторно ги повика Русија и Грузија на итен прекин на огнот и на меѓусебни разговори. Германската канцеларка, Ангела Меркел, в петок патува за Сочи, каде има закажано средба со рускиот претседател, Дмитри Медведев. Меркел денеска го поздрави потегот на Сакашвили и едностраното прогласување прекин на огнот и изрази очекување дека посредничките обиди на ЕУ и ОБСЕ ќе добијат поддршка од сите страни во конфликтот. Државниот секретар во министерството за надворешни работи Гернот Ерлер, денеска за германската телевизија ЦДФ изјави дека натамошните воени напади немаат никаква легитимација. На прашањето - дали е реално на Русите да им се каже да се вратат на својата територија, Ерлер одговори: „Сега ќе стане јасно дека постои јасна воена надмоќ на руските сили, не само теоретски, туку и фактички. Грузиските трупи се повлекуваат. Затоа е време да се каже, натамошни воени напади немаат никаква легитимација. “