1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Европа мора и економски да и‘ помогне на Северна Африка

14 март 2011

Западот мора да размисли. Промените на Блискиот Исток и во Северна Африка бараат нов однос, не само во политиката, туку и во економијата.Досега се соработуваше со деспоти а сега треба да се поддржат демократските сили.

https://p.dw.com/p/10VEp
Фотографија: Fotomontage/picture-alliance / Bildagentur Huber/DW

Пресвртите во Тунис и Египет, револуцијата која се‘ уште трае во Либија и граѓанските протести во Јемен, Бахреин, Оман и Мароко го изненадија светот, а предизвикаа вознемиреност и кај политичарите на запад. САД и нивниот сојузник Европа со децении ги заштитуваа деспотите на Блискиот Исток и Северна Африка. Вашингтон во регионот има голем број воени бази, а Европа се труди од т.н. процес Барселона, од пред 15 години, да воспостави што е можно поблиска соработка со Северна Африка. Овој регион во геополитички смисол има огромно значење за Западот, пред се‘ Египет, земјата меѓу Азија и Африка, која низ вековите има водечка улога во регионот, смета египетскиот критичар на глобализацијата, Мамду Хабаши:
„Јас би рекол дека Египет игра водечка улога во регионот, и тоа не само од времето на Насер и Мухамед Али, туку и од времето на царот Ехнатон, а тоа го знаат и Американците. Дури и кога Наполеон го освои Египет во 1798 година, рече: ’Египет е најважна земја на планетата.’ Тоа го рече Наполеон, а не јас. И тој секако го мислеше тоа во геополитичка смисла."

Karte Entführung europäischer Touristen in Ägypten englisch
Египет е клучен за американската политика на Блискиот Исток

Каиро главен во се‘


За Американците, Египет е главната точка од нивната стратегија на Блискиот Исток. Владата во Каиро е, како што е наведено, гаранција за стабилноста во регионот, гаранција за борба против исламисти, како и за пристапот до Суецкиот канал.

Од овие причини, Американците на револуцијата во Египет на почетокот гледаа со неизмерна воздржаност и беа загрижени за стабилноста на земјата:

„Националниот совет за безбедност на САД заседаваше секој ден и ја анализираше состојбата во Египет. Ова ја покажува важноста на Египет во плановите на Вашингтон. И за тоа одеднаш станаа свесни и обичните Египќани за време на демонстрациите. Кога ги видоа реакциите во целиот свет, рекоа: нас Мубарак евтино не‘ продаде, а ние сме сепак некој. Се разбира, секој крадец кој ќе украде нешто, тоа не може да го продава по неговата вистинска вредност, туку мора да ја намали цената", истакнува Хабаши.

Така, сега цената на партнерство со Западот може да се зголеми. Земјите во Северна Африка и Блискиот Исток, по револуцијата може да побараат соработка со Западот, на рамноправна основа. Соња Хегази, експерт за Египет во Центарот за модерен Исток во Берлин, на промените во Северна Африка гледа повеќе како можност, отколку како закана:

„ Ако погледнеме во она што ЕУ уште од 1995 година сака да го постигне во регионот во рамки на процесот Барселона, имено зголемување на учеството, подобра прераспределба на економските добра меѓу населението, легална миграциона политика и почитување на човековите права, тогаш можеме да видиме дека тоа не функционирало, бидејќи немала партнер за тоа. Но, доколку ЕУ своја политика во последните 15 години ја има сфатено сериозно, тогаш има можност, благодарение на демократски избраните влади во земјите во регионот, да ги оствари своите цели."

Symbolbild EU Nahost Flagge und Karte
Фотографија: picture-alliance/ dpa/AP Graphics/DW

Да се намали влијанието на лоби групите

Меѓутоа, тоа подразбира дека Европа е подготвена на партнерските земји во Северна Африка да им даде исти права и да дозволи пристап до пазарите на ЕУ. Ова првенствено се однесува на земјоделските производи:

„ Сите оние кои сe занимаваат со тоа, веќе 15 години кажуваат дека европското земјоделско лоби мора да биде сведено во одредени рамки, и дека мора да биде кажано дека ако сакаме да се направи размена на рамноправни односи, тогаш и северноафриканските земјоделски производи треба да имаат слободен пристап до европските пазари," вели Хегази.

Моќното фармерско лоби во некои земји од ЕУ досега го спречуваше сето тоа. „Но, ако Европа сака демократски и стабилни држави во Северна Африка, тогаш мора да му помогне на регионот да застане на свои нозе и во економска смисла", порачува Хегази.

Автор: Бетина Маркс / Марија Пешовска

Редактор: Симе Недевски