1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Европа пред нов предизвик во Северна Африка

18 мај 2011

Германскиот министер за надворешни работи Гидо Вестервеле ја заврши посетатата на Мароко, со конференција на која се дебатираше за улогата на Европа во пресвртот во Северна Африка.

https://p.dw.com/p/11Im2
Вестервеле во посета на Мароко
Вестервеле во посета на МарокоФотографија: picture-alliance/dpa

Зборот „историски“ честопати може да се слушне од германскиот министер за надворешни работи Гидо Вестервеле, кога зборува за значењето на пресвртот во арапскиот свет, кој почна со т.н. „јасмин револуција“ во Тунис. „Германија го слушна повикот по слобода и ние стоиме на страната на демократиите. Промените на прво место се заслуга на храбрите жени и мажи од Северна Африка и Блискиот Исток“, изјави Вестервеле во рамките на меѓународниот форум на фондацијата Бертелсман, што се одржа во Рабат.

Германија ќе ги поддржува земјите кои тежнеат кон демократски реформи, пред се’ Тунис, Мароко и Египет, порача Вестервеле, кој истовремено добро знае дека апелите за придржување до универзалните вредности како демократија и слобода не се сами по себе доволни. Затоа во буџетот на германското министерство за надворешни работи за наредните две години се планирани дополнителни 50 милиони евра за т.н. „партнерство при трансформацијата“ во регионот. Германија има намера да инвестира во развојот на независен правосуден систем, да ја прошири соработката меѓу универзитетите и потесно да соработува во секторот на обновливи енергии во рамките на соларната инцијатива „Дезертек“.

Вестервеле во посета на Мароко
Вестервеле во посета на МарокоФотографија: picture-alliance/dpa

Важен е ангажманот на Европа

Меѓутоа, според шефот на германската дипломатија, поважни од билатералниот ангажман на Германија се сигналите од ЕУ: „Плодовите од револуцијата треба да ги почувствува населението, имено ќе започне реформски процес, меѓутоа тој се’ уште не е неповратен. Затоа во Европа поттикнав не само да се залагаме за инвестиции во Тунис, во Египет или во Мароко, туку и обратно, во Европа мораме да ги отвориме пазарите за производи од земјите, каде навлегува демократијата.“

Фактот што Мароко, и по нападот во април во Маракеш, не скршнува од патот на преродбата, за Вестервеле е важен сигнал. Конечно и покрај сите пречки, токму овде се докажува дека исламот и демократијата не мора да се спротивставени едни на други. Тоа го покажува кралот Мохамед Шести со започнатата уставна реформа. Европејците меѓутоа мора да ја ревидираат својата политика кон земјите од Магреб: „Тоа е непосредно соседство на европскиот континент и имаме голем интерес тоа да се развива, не само за да се спречи зголемување на бегалските бранови од Африка кон Европа, туку за во нашето соседство да се развиваат стабилни и мирни демократски односи“, изјави Вестервеле.

Автор: Александер Гебел/ Александра Трајковска

Редактор: Жана Ацеска