1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Европа: Северот против југот

Бернд Ригерт/ Борис Георгиевски10 август 2012

Должничката криза во Европа се’ повеќе ја апострофира поделбата меѓу богатиот север и сиромашниот југ на континентот. Иако така изгледа на прв поглед, сепак нештата не се толку едноставни.

https://p.dw.com/p/15nS8
Фотографија: Fotolia

И пред избивањето на кризата, статистичарите на Европската унија редовно утврдуваа дека меѓу 27-те членки на Унијата постојат големи разлики во куповната моќ на граѓаните. Веќе со децении важи правилото: на северот живеат богатите, а на југот посиромашните. По влегувањето на поранешните комунистички држави во ЕУ, се појави и разлика меѓу истокот и западот.

Најголема куповна моќ имаат жителите на Луксембург: 271 отсто во однос на просекот на ЕУ. Италија и Шпанија бележат околу 100 проценти и се наоѓаат на средината на табелата. Најсиромашни се Романија и Бугарија со 46, односно 44 проценти.

Поделбата на богати и сиромашни не се промени ни за време на оваа криза. Финансиска помош досега бараа земјите од југот како Грција и Португалија. Куповната моќ на нивните граѓани изнесува меѓу 80 и 90 отсто од просекот. Но, куповната моќ на жителите на Ирска, земја која исто така доби милијарди евра кредити помош, изнесува околу 128 проценти. Тоа е повеќе и од просекот на Германија, земја која најмногу учествува во помошта за државите во криза. Во овој случај очигледно не важи правилото за разликите меѓу северот и југот. Презадолженоста очигледно нема врска со богатството и сиромаштијата. Таа е последица на финансиските и буџетски политики на одредена држава.

Заеднички и поединечни долгови

Вистинската поделба во рамките на Унијата денес е меѓу оние држави кои сакаат поединечните долгови да станат заеднички и оние кои тоа го одбиваат, смета поранешниот белгиски премиер Ги Ферхофштат. Германија, Финска и Холандија се трите последни членки на еврозоната кои се противат на издавањето на заедничките евро-обврзници. За Ферхофштат тоа е суштинското прашање.

Schild Eurozone
Фотографија: Fotolia/pincasso

„Врз тоа прашање всушност се прекршува иднината на ЕУ како таква. Секој кој малку подобро ги анализирал случувањата доаѓа до заклучок дека еврото може да преживее и дека кризата може да биде надмината само доколку се создаде целосна даночна, економска и политичка унија. Во тоа се вклучени и заедничките обврзници“.

Економскиот историчар Албрехт Риштл смета дека е погрешно уверувањето дека северноевропските држави знаат подобро да располагаат со парите во однос на земјите од југот. Во интернет-изданието на магазинот „Шпигел“ тој истакнува дека, историски погледнато, Германија е „кралица на долговите“ и потсетува дека во минатиот век токму Германија доживеала два незапаметени државни банкроти.

Северно и јужно евро?

Тие разлики во економската сила во рамките на ЕУ го наведоа поранешниот претседател на Сојузот на германската индустрија Ханс-Олаф Хенкел да предложи воведување на „северно евро“ за економски силните држави северно од Алпите, и „јужно евро“ за останатите земји.

ESMT Berlin 2012
Марио МонтиФотографија: dapd

„Денес на сите економисти, и не само ним, мора да им е јасно дека еврото за северните држави е преслабо, а за јужните пресилно. Тоа е според мое мислење неразумна програма за поттикнување на германскиот извоз. Доколку ние имаме релативно голем извоз поради слабото евро, сметката на крајот мораат да ја платат даночните обврзници и нивните деца на југот на ЕУ. Тоа е лудо“, вели Хенкел.

Богатите членки на ЕУ со децении уплаќаат милијарди во фондовите за помош на развојот на сиромашните држави. Израмнувањето на стопанската моќ на членките е една од главните задачи на ЕУ. Досега тоа начело на солидарност не се доведуваше под прашање, иако оние кои плаќаат и оние кои ја примаат помошта секогаш одново се расправаа за буџетот.

Италијанскиот премиер Марио Монти неделава во интервју изрази жалење поради повторното појавување на предрасудите меѓу северот и југот.

„Тоа е многу вознемирувачки и тоа мораме одлучно да го сузбиеме. Сигурен сум дека мнозинството Германци инстинктивно ги симпатизира Италијаните, како што и Италијаните им се воодушевуваат на Германците за нивните бројни квалитети“, заклучи Монти.