1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Европа се надева на Србија

Еберхард Нембах8 февруари 2007

Германскиот министер за надворешни работи и предводник на европската тројка, Франк Валтер Штајнмаер од Белград побара конструктивен став во однос на Косово. За возврат, дипломатите на ЕУ кои во Белград разговараа со српското раководство, ја потврдија европската перспектива на земјата, доколку Србија преземе конкретни чекори во таа насока.

https://p.dw.com/p/AbzR
Германскиот министер за надворешни работи, Франк Валтер Штајнмаер
Германскиот министер за надворешни работи, Франк Валтер ШтајнмаерФотографија: AP

Новоизбраниот српски парламент не се состанал ниту еднаш, а нова влада исто така не е на повидок. Затоа, српскиот претседател Борис Тадиќ замоли одлагање на разговорите за Косово во Виена, закажани за наредната недела. Неговите гости за молбата имаа разбирање. Германскиот министер за надворешни работи, Франк Валтер Штајнмаер, говореше во име на германското претседателство со ЕУ: “Србија по изборите е исправена пред историски решенија. Но, иако времињата не се едноставни и ние имаме респект пред товарот на одговорноста која сега лежи на грбот на српското раководство, токму сега дојдовме да кажеме – Европа се надева на Србија. Ние Европејците си посакуваме Србија да го заземе местото што и припаѓа. Србија и припаѓа на Европа.“

Но, Европа има и јасни очекувања од српското раководство – германскиот министер за надворешни работи, Штајнмаер, евро-дипломатот Хавиер Солана и евро-комесарот за проширување, Оли Рен, заедно од српските соговорници побараа брзо составување влада и конструктивно учество во решавањето на прашањето на Косово. Основа за тоа е планот на посредникот на ОН, Марти Ахтисари, кој предвидува независнот под меѓународна контрола. Српскиот премиер, Воислав Коштуница тоа уште еднаш го отфрли. Но, подготвен е и натаму конструктивно да преговара: “Конструктивно, но и непопустливо кога е во прашање на неповредливост на српските граници, кои се гарантирани со меѓународното право. Голема заблуда е да се верува дека решението на косовското прашање е единствен случај, без влијание врз останатите земји. Тоа ќе биде урнек за слични случаи. Дотолку повеќе ова прашање има значење не само за Србија, туку и за стабилноста во целиот регион и светот.“

Србија во време на мандатот на неговата влада, како што вели премиерот Коштуница, направила големи реформски чекори, пред се на економски план. Затоа, Србија е добро подготвена да ги преземе преговорите за приближување до ЕУ во секое време. Разговорите се замрзнати од минатата година поради тоа што Коштуница не го убеди Брисел дека неговата влада сериозно се обидува да го уапси обвинетиот за воени злосторска, Ратко Младиќ.

“Новата влада може да направи нов почеток, рече евро-комесарот Оли Рен, додавајќи: “Сакаме да и помогнеме на Србија за целосно да соработува со Хашкиот трибунал. Кога ќе видиме конкретни акции, Србија ќе добие поддршка од комисијата и од државите на ЕУ.“

Гостите од ЕУ тоа го кажаа завиено, но сите разбраа дека тие посакуваат соработка меѓу претседтаелот Тадиќ и премиерот Коштуница, кои за таа цел мораат да ги запрат долгогодишните препирања.