1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Европа се надева на струја од Сахара

Милитијадес Аврамопулос/Б. Георгиевски2 декември 2012

Идејата е едноставна и генијална. Соларна енергија од Сахара треба да обезбеди струја за Европа. Проектот „Дезертек“ обединува повеќе компании кои се подготвени да инвестираат и до 400 милијарди евра. Патот е сепак долг.

https://p.dw.com/p/16jZj
Фотографија: picture-alliance/dpa

Во Сахара, всушност, досега веќе требаше да бидат изградени неколку соларни централи. Но, се‘ уште ги нема бидејќи реализацијата на амбициозниот проект запре.
Поради „арапската пролет“, планирањето на новите централи запре. Инвеститорите се двоумеа поради несигурната и нестабилна политичка ситуација. Но, наскоро пустинската струја преку проектот Дезертек треба да стане реалност.
„Најпрво треба да се реализира првиот проект за кој се грижи мароканската агенција Марсене. Тендерот е готов, а со изградбата треба да се почне до крајот на годинава, најдоцна до почетокот на 2013. Финансирањето е затворено“, вели Ернст Раух од иницијативата Дезертек.

Мароко е најголемата надеж за Дезертек. Тука во голем стил се шират капацитетите за експлоатација на соларната енергија. Но, има и многу технички проблеми. Има премалку електрични водови од Северна Африка кон Европа.

„Мрежата е најголем предизвик. Мораме да го вклучиме и населението во изградбата на инсталациите. А тоа трае. Притоа има и отпори, не се сите расположени за тоа. Ќе видиме дали во оваа ситуација можат да ни помогнат новите технологии како подводните кабли“, објаснува Раух.

08.11.2011 DW-TV Made in Germany Deserttech

Без оглед на тешкотиите, Арапите и Европејците не сакаат да се откажат од Дезертек. Во реализацијата би можела да помогне и Кина. Пекинг сака да се вклучи во пустинскиот проект. Кина на располагање може да ја стави својата технологија за транспорт на струја преку долги дистанци. Кинеските пари сигурно нема да му наштетат на напредокот на проектот Дезертек.