1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Европратениците без многу оптимизам дека Македонија ќе добие датум за преговори

18 ноември 2011

Комисијата за надворешни работи на ЕП ги усвои резолуциите за пристапување на Хрватска. Иако ова треба да биде охрабрување за Западниот Балкан, европратениците се песимисти за Македонија и добивањето датум за преговори.

https://p.dw.com/p/13Cog
Седиштето на Европскиот парламент во СтразбурФотографија: AP

Во усвоените резолуции за Хрватска, за кои ќе се гласа на пленарната сесија во Брисел, европратениците меѓу другото, уште еднаш изразија „цврсто верување дека отворените прашања со билатерален карактер не смеат да го запираат процесот на земјите кандидати и потенцијални кандидати од регионот на Западен Балкан.

Потребна е едногласна согласност од Советот на ЕУ

Австрискиот европратеник Јоханес Свобода од редовите на социјалистите за Радио Дојче веле оценува дека и покрај ова ќе биде тешко за Македонија да добие датум за преговори.

Hannes Swoboda
Европратеникот од Австрија, Јоханес СвободаФотографија: AP

„Тоа зависи од едногласноста на Советот, со новата влада и изјавите на шефот на конзервативната партија во Грција ќе биде многу тешко. Ја пропуштивме можноста и шансата со поранешната грчка влада, сега тоа ќе биде многу тешко. Решавањето на прашањето за спорот за името со новата влада во Грција ќе биде уште потешко. Македонија и владата во Скопје треба да најдат компромисно решение со Грција. Тоа сега е многу ургнетно и јасно, посебно откако Хрватска ќе стане членка на ЕУ, апсолутно е важно да започнат преговорите меѓу ЕУ и Македонија. “

Македонија не треба да се препушта на фрустрациите

Европратеникот од Словенија Иво Вајгл е многу подиректен:

„Не сум оптимист!... Овде во Европарламентот ние сме единствени, тука постои една огромно мнозинство кое сака да ја види Македонија во полноправно членство во ЕУ. Но дали тоа е доволно и Советот на ЕУ да се постави поинаку, не сум сигурен и велам дека треба да се работи на спроведување на стандардите на ЕУ во целиот процес на приближување. Не постои скратен пат за тоа, тоа треба да го сфатат и македонските политичари.“

Притоа словенечкиот либерал додава:

„Веројатно, тоа што Македонија стои во место во својата евроинтеграција, е една од причините дури и за фрустрација на македонската политика. Меѓутоа, не е паметно да се препушта на фрустрации и да се прават демонстративни потези. Треба да се биде конструктивен“.

Doris Pack
Пратеничката во ЕП од Германија, Дорис ПакФотографија: Europäisches Parlament

Одлагањето на преговорите извор на национализам

Германската европратеничка Дорис Пак во изјава за Дојче веле исто така не верува дека во декември Македонија ќе добие датум за преговори, посебно по промените во грчката влада и кога грчкиот народ се турка кон национализам.

„Не верувам, тоа е моето чувство, според она што го имам слушнато ќе биде тешко. Ние немаме средства за да присилиме една земја да направи нешто“.

Европратеничката од редовите на Народните партии стравува од новите одложувања на датумот за преговори, бидејќи со тоа се создава повеќе национализам и во Македонија и тоа и‘ предизвикува неволји во соседните земји.

„Ваквата ситуација е опасна, опасна е бидејќи Македонија беше навистина на добар пат по Охридскиот договор, сега има многу сигнали на национализам и знаете, тоа не помага во Советот на ЕУ, кој гледа дека националзимот расте и не сфаќа или не сака да сфати дека тоа е поради тоа што не може да се напредува. Тоа е како маѓепсан круг“.

„Ние посакуваме тоа да биде можно, јас сметам дека тоа е можно ,но добро знаете...“ – додава нејзиниот колега од Словенија, Алојз Петерле, исто така од редовите на Народните партии.

Автор: Тони Гламчевски

Редактор: Ж.Ацеска

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема