1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Европратениците не веруваат во повторно воведување визи за Западен Балкан

Тони Гламчевски17 октомври 2012

Европратениците се загрижени за иницијативата на одреден број земји-членки на ЕУ за повторно воведување визи за Западениот Балкан. За проблемот со барателите на азил виновни се европските земји, но и Западниот Балкан.

https://p.dw.com/p/16RBt
Фотографија: picture-alliance/dpa/dpaweb

Треба да направиме сé што е во наша моќ визната либерализација да не биде укината. Ќе претставува голема опасност да се затвори вратата и да се стави регионот во изолација, наместо да се води дијалог и со заеднички напори на сите земји да се надмине проблемот, а тоа е економската ситуација што ги принудува луѓето да ги напуштат своите земји, нагласуваат европратеничките Тања Фајон и Дорис Пак во разговорот за Дојче веле.

Слободното движење претставува едно од највидливите достигнувања за земјите на нивниот пат кон ЕУ, вели европратеничката Тања Фајон, која пред ЕП ја бранеше визната либерализација за земјите од Западен Балкан, затоа треба да се направи сé за да визната либерализација не биде укината.

Tanja Fajon, Mitglied des EU-Parlaments
Тања ФајонФотографија: DW/Alen Legovic

„Опасноста за суспензија на безвизниот режим секако дека постои. Mинистрите на шест земји членки на ЕУ побараа да се размисли за суспензија на безвизниот режим за земјите од Западен Балкан, по алармантните бројки на лицата кои бараат азил во Германија , Шведска, Франција и Луксембург“, изјави Фајон за Дојче веле.

Сé уште нема механизам за брза суспензија на безвисниот режим

Словенечката европратеничка од редовите на социјалистите и демократите, притоа нагласува дека засега не е можна брза суспензија на безвизниот режим.

„Сé уште немаме механизам за привремена суспензија на безвизниот режим. Во Европскиот парламент сé уште се разговара за него. Значи, не е можно некоја земја-членка да побара суспензија на безвизниот режим, тој механизам сé уште не постои, тој не е на сила. Но, постои притисокот тој да биде усвоен што е можно поскоро“, нагласува Фајон.

Земјите од Балканот прават напори

Според неа треба да се направи сé за да се спречат граѓаните да ги кршат правилата за слободно движење, бидејќи суспендирањето или враќањето на некои земји на црната шенегенска листа, ќе биде голем чекор назад. Слободата на движењето е основно човеково право и тоа како такво треба да остане.

Visumseinführung an Polens Ostgrenze Verschiedene Wege der Migration Flash-Galerie
Воведувањето на визите повторно ќе го отежне слободното патувањеФотографија: picture alliance/dpa

„Земјите од Западен Балкан прават големи напори и спроведуват бројни мерки. Важно е да продолжи дијалогот и разговорите и заедно да направиме сé за да не се загрозува слободата на движењето на сите граѓани од Западен Балкан. Тоа е важно, тоа е наш заеднички интерес. Ситуацијата во ЕУ е таква, што некои би можеле и политички да ја искористат суспензијата. Тоа што минатата недела германскиот министер им се закануваше на Македонија и Србија, на тоа гледам дека во Германија започна предизборната кампања“, потенцира Фајон.

Проблемот со барателите на азил е взаемен

„Може да се добие впечаток дека безвизниот режим е загрозен. Но, во моментов не верувам дека ќе одиме толку далеку. Но, ако се продолжи на овај начин, не знам како ќе реагираат владите“, вели од своја страна германската европратеничка Дорис Пак, од редовите на Народните партии.

Нејзината парламентарна група во ЕП нема официјално разговарано за актуелната дебата за безвизниот режим, но за тоа се разговарало многу меѓу европратениците кои директно работат со Земјите од Западен Балкан.

„Сите знаат за фактот дека има голем број на баратели на азил од балканските земји. Тоа е неразбирливо за земји кои сакаат да станат членки на ЕУ. Од друга страна тука е и проблемот што секоја земја членка на ЕУ има своја национална азилантска политика, односно ние немаме заедничка политика. Затоа се и овие проблеми“, објаснува германската европратеничка.

Doris Pack CDU/CSU Europäische Volkspartei EVP
Дорис ПакФотографија: picture-alliance/dpa

Но, според Дорис Пак проблемот треба да се бара и во земјите од Западен Балкан.

„Проблемот е и во земјите од Балканот, каде не се работи како што треба. Кога ќе ја земам за пример Босна и Херцеговина, тогаш можам да сфатам зошто луѓето сакаат да ја напуштат, бидејќи нема политичари кои вистински се занимаваат со нивната судбина“, оценува Пак.

Тоа што најголемиот број од барателите на азил се Роми, за германската европратеника и известувачка за Босна и Херцеговина, е проблем и на ЕУ. Унијата треба да им помогне на сиромашните балкански земји да работат на подобрувањето на ситуацијата на Ромите преку фондовите наменети за проширувањето.