1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Европската комисија очекува блага рецесија во еврозоната

23 февруари 2012

Еврозоната, според конјуктурната прогноза објавена денеска од страна на ЕК, во тековнава година ќе влезе во рецесија. ЕК предвидува посилна рецесија во Грција од претходно очекуваната.

https://p.dw.com/p/148GX
Фотографија: Fotolia/K.F.L.

Според прогнозите, економскиот учинок во 17-те држави во еврозоната ќе се намали за 0,3 проценти. Минатата есен, експертите на ЕУ прогнозираа дека во 2012-та година земјите од еврозоната ќе имаат пораст од 0,5 проценти.

Причините за намалениот раст се во заслабеното светско стопанство, но предимно во внатрешната долготрајна должничка криза. И, иронично, но тие лежат главно во мерките за штедење, кои ја ограничуваат потрошувачката, пред, според надежите, да придонесат кон подобрување на состојбата. Бројките од земја до земја се разликуваат.

Eurokrise - Sondergipfel der EU
Фотографија: picture-alliance/dpa

Еврозоната надолу ја „влечат“ пред се‘ Грција и Португалија.

Европската комисија очекува посилна од претходно очекуваната рецесија во Грција во 2012-та година со пад на економската активност од 4,4 проценти во однос на предвидувањата есеноска, покажуваат најновите денеска објавени прогнози на Европската комисија.

Тоа значи дека 2012-та година ќе биде петта година по ред на рецесија во земјата, на која неодамна и‘ беше одобрен нов голем спасувачки пакет финансиска помош во висина од 137 милијарди евра.

Минатата година грчкиот бруто домашен производ (БДП) се намали за 6,8 проценти, наведува Комисијата. Во прогнозите на ЕК се наведува дека довербата на потрошувачите и бизнис секторот останува „многу слаба“.

Оваа година Грција ќе биде погодена од забавување на надворешната побарувачка и ново намалување на внатрешната побарувачка, најмногу поради реформите на пазарот на труд, придружени со намалување на платите во државниот и приватниот сектор, се наведува во извештајот на Комисијата.

Грчката влада прифати намалување на минималните плати и пензии во замена за планот за меѓународна помош, со цел да избегне банкрот на земјата во март оваа година.

EU-Kommission kritisiert Türkei - Bericht Oli Rehn
Еврокомесарот за стопанство и монетарна политика Оли РенФотографија: picture-alliance/dpa

Но, при претставувањето на конјуктурната прогноза на тековната година еврокомесарот за монетарна политика Оли Рен денеска во Брисел сепак истакна дека и покрај негативниот тренд во економијата во последниве месеци во еврозоната, веќе има и знаци на намалување на тензиите, пред се‘ на финансиските пазари. Рен притоа го истакна намалувањето на каматите на државните обврзници за сите земји освен за Грција. Рен изричито побара по потреба дополнително зголемување на трајниот стабилизирачки механизам ЕМС, со што би се оневозможило прелевање на кризата од Грција кон другите слаби економии. Комисијата, истакна Рен, гледа јасна нужност од натамошно јакнење на европскиот финансиски заштитен механизам. За тоа се предвидени 500 милијарди евра. Но, Греманија засега се противи на зголемување на сумата за фондот. Германската влада во олабавувањето на состојбата гледа знаци дека планираната сума е доволна. Но, Берлин е под се‘ поголем притисок. Неодамна и шефицата на ММФ, Кристин Лагард изјави дека без издвојување повеќе средства, не гледа излез од евро-кризата.

Автор: ЖА/ АТ/ дв/ дпа

Редактор: А. Трајковска