1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Европската комисија очекува конкретни резултати од Македонија

17 април 2007

Истакна евро-комесарот Оли Рен на средбата со вицепремиерката Габриела Коневска-Трајковска во Брисел

https://p.dw.com/p/AdYf
Евро-комесарот Оли Рен
Евро-комесарот Оли РенФотографија: picture-alliance/dpa

“Ги поздравуваме реформските процеси и политичкиот дијалог, како и намерите на македонската влада да ги забрза реформите, бидејќи патот кон европска интеграција зависи од нивниот интензитет. Европската комисија треба да види доказ дека нешто е направено“ - порача евро-комесарот за проширување Оли Рен на средбата со заменик претседателот на македонската влада Габриела Коневска Трајковска. Конкретни резултати Комисијата очекува и од започнатиот дијалог меѓу власта и опозицијата.

“Градењето взаемна доверба меѓу власта и опозицијата е есенцијална за да се обезбеди соодветно функционирање на клучните инситутции, вклучувајќи го парламентот. Затоа ги охрабрувам сите партии да вложат дополнителни напори за изнаоѓање компромиси и да ја изодат последната милја, така што овој дијалог што беше интензивиран последните денови ќе води кон конкретни резултати. Со тоа ќе се овозможат брзи реформи на полицијата, правосудството и јавната администрација“ - порача Оли Рен вчера во Брисел.

Освен тоа Оли Рен додаде:

“Ја реафирмирав и решеноста на ЕУ за европската перспектива на ПЈРМ, како и принципот во процесот на проширување да ја третираме секоја земја одделно спрема нејзините постигнувања. Посебно разговаравме за реформскиот процес во земјата и ја поздравив намерата на владата да ги забрза истите... сакаме да видиме уверливи резултати на полето на реформата на правосудството, како и во борбата против корупцијата и организираниот криминал.“

Министерката Коневска Трајковска по средбата возврати:

“Изразивме задоволство што ја завршивме првата фаза од процесот на либерализација на визниот режим, што значи спогодбата за реадмисија и олеснувањето на процесот за добивање визи за одделни категории граѓани. Исто така сакаме да ја нагласиме определбата на Македонија за соработката со соседните и другите земји од Југоисточна Европа, како и со Европската комисија што ја сметаме за доверлив партнер за нашето приближување и потполно зачленување во ЕУ.“

На средбата стана збор и за смената и прераспределбата на други места на 40-тина повисоки службеници од Секретаријатот за европски прашања во Скопје, при што Оли Рен порача:

“Тоа е секако важна тема за Европската комисија, бидејќи Секретаријатот е клучниот партнер за Европската комисија во соработката со ПЈРМ. Во разговорот со госпоѓата министер ја подвлеков важноста на тоа овие настани да немаат негативни последици врз односите меѓу ЕУ и ПЈРМ.“

Вице-премиерката Коневска Трајковска се сретна и со европарламентарката Дорис Пак, која е претседавач на делагацијата за односи со земјите од Западниот Балкан. При тоа станало збор за подготвките за отвроање на образовните програми на ЕУ за балканските земји. Денеска на дневниот ред се уште средбите со евро-коемсарот за правда Франко Фратини, како и директорот за финансиски инструменти и регионални програми Дирк Меганк.