1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Европската комисија предлага укинување на роамингот

Б. Георгиевски/афп10 септември 2013

Европската унија ќе презентира план за радикално преуредување на телекомуникацискиот сектор, со кој сака да изгради единствен телеком-пазар и да ги отстрани непопуларните трошоци за роаминг на мобилните телефони

https://p.dw.com/p/19eZr
Фотографија: lassedesignen/Fotolia

Претседателот на Европската комисија Жозе Мануел Баросо ќе го претстави планот пред Европскиот парламент во неговото редовно годишно обраќање, пред изборите во мај за нов парламент и нова егзекутива.

Комесарот за дигитална технологија Нели Крос инсистира дека е од огромна важност за ЕУ да реагира веднаш или да ризикува да го загуби економскиот бенефит кој целосно либерализираниот телекомуникациски сектор би го понудил на заедничкиот пазар од 500 милиони луѓе.

Минатиот месец, извештајот на Крос покажа дека цената на мобилните разговори во ЕУ е како лотарија, со огромни разлики во секоја од 28. земји членки. Повик од Италија чини 6,9 евроценти, во Германија- 8,8 евроценти, во Велика Британија 9,7 евроценти, во Франција во просек- 12,7; а во Шпанија достигнува и до 13,3 евроценти.

Jose Manuel Barroso
Жозе Мануел БаросоФотографија: Petras Malukas/AFP/Getty Images

Варираат и цените во националните мрежи. Од најевтината тарифа од 1,9 евроценти за минута во Литванија, до 14,7 евроценти во Холандија.

„Овие бројки јасно покажуваат дека 28. национални телекомуникациски пазари низ Европа не им обезбедуваат корист на граѓаните како единствен пазар“, изјави Крос.

Реформскиот пакет ќе има далекусежно влијание - со регулативата ќе треба да се воведат поедноставени правила за операторите, но и да се подобрат врските со подобра координација на фреквенциите кои ќе бидат контролирани од владите за побрзо да се развие следната генерација на 4Г сервисот.

4Г функционира пет пати побрзо од актуелната 3Г мрежа и им овозможува на корисниците побрзо да добиваат електронска пошта, да гледаат телевизија без пречки, како и да гледаат видеа во висок квалитет и да играат мрежни игрички во движење.

Новата мрежа се смета за неопходен чекор во натамошниот развој на телекомуникациите и Крос во повеќе наврати ги критикуваше ЕУ-земјите поради тоа што заостануваат на ова поле.

Целосно либерален пазар

Во исто време, се очекува Интернетот да добие третман на целосно „отворен систем“, што ќе им оневозможи на операторите да го забрануваат или ограничуваат пристапот до конкурентски содржини.

Neelie Kroes Vize-Präsidentin Europäische Kommission
Нели КросФотографија: jean-francois.tardif@ec.europa.eu

Клучната промена, сепак, треба да биде укинувањето на дополнителните трошоци за роаминг, и покрај острото противење на компаниите кои тврдат дека на тој начин ќе им се одземе главниот извор на профит и ќе им се оневозможат натамошни инвестиции. Од таа причина, Комисијата најверојатно ќе предложи укинување на роамингот во фази до 2016. година, со што сака да ги натера операторите да понудат подобри услови во име на слободната конкуренција. За да го оствари тоа, Комисијата планира да понуди пакети кои би покривале повеќе држави, а компаниите ќе бидат охрабрени да создаваат сојузништва за да ги намалат трошоците и да го зголемат профитот.

Клучната опција во кампањата против роамингот, во првичниот период, ќе биде да им се овозможи на корисниците слободно да ги менуваат операторите во странство, во зависност од цената која ја нудат.