1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Европската комисија ја тужи Унгарија

ЖА/БГ/дпа/афп/дв25 април 2012

Брисел го засилува притисокот врз десноконзервативната влада на Виктор Орбан. Во спорот околу државните реформи во Унгарија, ЕК покрена официјална тужба пред Европскиот суд на правдата.

https://p.dw.com/p/14kiX
Фотографија: AP

Брисел ја обвинува Унгарија дека со реформите спроведени од конзервативната влада на Виктор Орбан ги прекршила европските договори, особено во поглед на независноста на правосудството и на службите за заштита на податоците. Значи, всушност се работи за две тужби. Според Брисел, чекорите кои ги презеде Будимпешта по опомената во врска со независноста на правосудството и на службите за заштита на податоците не се доволни. Во краен случај на Унгарија и‘ се закануваат високи парични казни.

Третата спорна точка која се однесуваше на независноста на централната банка на Унгарија, според Брисел може да биде надмината. Будимпешта имено ветила дека ќе ги промени соодветните закони.

„Подготвени сме да ја запреме постапката доколку Унгарија навистина ги изврши ветените законски промени“, изјави портпарол на Европската комисија во Брисел.

Со тоа можат да започнат повторно разговорите околу финансиската помош на Унгарија, кои со месеци беа ставени на мраз. Високо задолжената Унгарија има итна потреба од интервентен кредит од околу 20 милијарди евра, но ММФ ги одбиваше преговорите на оваа тема поради критиките на ЕК на сметка на европската држава.