1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Европската перспектива е клучна за Македонија

Свето Тоевски12 декември 2013

Раководителката на канцеларијата на „Конрад Аденауер“ во Македонија Ања Чимек во интервју за ДВ ги изнесува своите погледи на меѓуетничките односи во земјата и евро-атлантските перспективи на земјата

https://p.dw.com/p/1AXf9
Фотографија: picture-alliance / dpa/dpaweb

Канцеларијата на Фондацијата „Конрад Аденауер“ од Сојузна Република Германија во главниот град на Македонија Скопје и Институтот за демократија „Граѓанско општество“ од Скопје денеска (12.12.2013) го промовираат најновиот, 44-ти број на политиколошкиот магазин „Политичка мисла“, во кој се третираат „новите перспективи на старите реалности на полето на етничкиот конфликт“ во оваа држава. Раководителката на оваа канцеларија на „Конрад Аденауер“ Ања Чимек во интервју за ДВ ги изнесува своите погледи на меѓуетничките односи во земјата и пораките, кои ги донесува магазинот.

ДВ: Кои се вашите гледишта во врска со меѓуетничките односи во Македонија? Кои се покарактеристичните области каде што постои простор за нивно подобрување?

Чимек: Мултиетничноста е една од главните карактеристики на современото општество не само на Балканот, туку, исто така, и во Европската Унија. Заедничкото живеење на различните етникуми е процес и како таков тоа е нешто кое што секогаш ќе се менува. Како и во кој било друг однос, исто и во меѓуетничките односи треба постојано да вложувате и да се поттикнува дијалогот. Во Македонија постои тренд на поделба вдолж етничките линии во целото општество. Овој тренд стана повторно повеќе од очигледен, поради одредени инциденти кои се случија во последно време, како што се судирите меѓу младите луѓе и говорот на омраза за време на спортските настани. Сево ова беше наведено и во последниот „Извештај за напредокот“ на Македонија, кој го изготви Европската комисија.

Едно од главните полиња на дејствување на Фондацијата „Конрад Аденауер“ во Македонија е посветено на темата за промовирање на дијалогот меѓу луѓето од различно етничко потекло и различна религиозна ориентација. Главната цел е да се поддржи развојот на граѓанското општество, во кое се почитуваат интересите на сите, во кое најсилниот член на тоа општество е внимателен кон најслабиот член. Главната цел е да се поддржи развојот на граѓанското општество, каде што секој ќе разбира дека државата е рамка во која секој поединец може да се развива согласно со неговите, односно, со нејзините можности и способности.

Anja Czymmeck Konrad-Adenauer-Stiftung
Ања ЧимекФотографија: privat

ДВ: Во контекст на ова што го велите, како да се зголемат заемната толеранција и почитта меѓу луѓето од различните етникуми во оваа земја?

Чимек: За да се толерираат и да се почитуваат луѓето, првиот чекор е да се запознаат едни со други. Според моето мислење, најважната област каде што е навистина потребно подобрување во меѓуетничките односи е образованието, како клучен фактор за поголема интеграција. Обопштено, во Македонија не постојат формални точки за интеракција меѓу младите од македонскиот и албанскиот етникум почнувајќи од детските градинки до нивното високо образование. Децата не само што учат во различни училници, туку тие учат и во различни смени и различни згради. Но, ако личните ставови мора да се променат во поглед на меѓуетничката толеранција, тогаш застапувањето за таквите ставови треба да почне во раната фаза на образованието.

Некои од есеите во најновиот број на политиколошкиот магазин „Политичка мисла“ анализираат различни концепти на образовната политика во етнички поделените општества и се обидуваат да дадат некои одговори и сугестии. Би сакала да укажам дека и во бројот 33 на овој наш четиримесечник од 2011 година се занимававме со важноста на интегрираната образовна политика и со предизвикот за креирање такви политики за Македонија.

ДВ: Со какви предизвици на планот на меѓуетничките односи може да се соочи Македонија, ако во овој декември таа не добие датум за отпочнување на пристапните преговори со Европската Унија?

Чимек. Европската интеграција на Македонија можеби не е единствената, но, секако, е најпопуларната тема, која ги обединува различните етнички групи. Во оваа земја јас сум само нешто малку повеќе од две години и веќе сфаќам дека европската агенда и поблиската европска интеграција е важна тема не само за политичките елити во оваа држава, туку и за обичните граѓани, и покрај нивната етничка припадност и вероисповед. Недостигот на јасна европска перспектива може да претставува опасност за зголемување на етничките тензии, ако исчезнат подлогата и потребата за заеднички напори на владината коалиција и на сите други политички партии во земјата за исполнување на критериумите за отпочнување на преговорите со ЕУ. Досега Македонија има направено многу и политичките партии имаат заедничка цел, но тоа ќе биде следено и ќе биде продолжено само ако постои јасна перспектива. Но, за да ја имаат оваа европска перспектива, апсолутно е неопходно придржување до препораките од „Извештајот за напредокот“ на земјата, изготвен од Европската комисија, да се работи на реформите во сите политички партии и по нивните етнички линии.

Mazedonien Land und Leute Studenten in Skopje
Најважната област каде што е потребно подобрување во меѓуетничките односи е образованието, вели ЧимекФотографија: Petr Stojanovski

ДВ: Овој 44 – ти број на „Политичка мисла“ се осврнува на „новите перспективи на старите реалности на полето на етничкиот конфликт“. Кои се тие нови перспективи за надминување на етничкиот конфликт, или можеби тука сега не постои баш етнички конфликт, туку многу повеќе меѓуетничка нетолеранција со променлив интензитет?

Чимек: Иако новиот уставен поредок, инспириран од решенијата врз основа на Охридскиот рамковен договор, како и огромниот пишан законски и научен материјал во врска со оваа тема, создадени по 2001- та година, обезбедија добра основа за меѓуетничка толеранција и разбирање, сепак, неодамнешните инциденти меѓу млади луѓе од различна етничка припадност, за жал, ја претворија оваа тема во „жешко прашање“ и како прашање интересно за нова расправа. Убедена сум дека на Македонија и се потребни повеќе дискусии за меѓуетничките односи и за можностите за поголема вклученост, бидејќи колку е поголема вклученоста, интегрираноста, колку повеќе се размислува за оваа тема и за нејзините различни аспекти, толку повеќе ние придонесуваме кон тоа. Во оваа расправа граѓанското општество, исто така, има посилна улога. Понекогаш имам чувство дека постои и недостиг на организации на граѓанското општество, или други асоцијации, како, на пример, спортски клубови, кои можат да направат повеќе со цел да се промовира меѓуетничката толеранција во Македонија.