1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Европската Унија бара апсење и израчување на генерал Ратко Младиќ

2 март 2006

Денеска во Белград престојува германскиот министер за надворешни работи Франк-Валтер Штајнмаер

https://p.dw.com/p/Ac8T
Штајнмаер и Драшковиќ
Штајнмаер и ДрашковиќФотографија: AP

Европската Унија очекува властите во Белград да сторат се’ за да го уапсат и на судот во Ден Хаг веднаш да му го израчат Ратко Младиќ – нагласи германскиот министер за надворешни работи Франк-Валтер Штајнмаер по средбата со колегата по функција од Србија и Црна Гора Вук Драшковиќ. На крајот на преговорите за Косово, пак, не може да стои негова поделба или приклучување кон друга држава. Косово не може ни да се врати во ситуација како пред 1999-та година – рече Штајнмаер. Тој во Белград ја изрази и силната германска подршка за европската перспектива на Србија и на целиот Западен Балкан. Од Србија, како што рече, не се бара исполнување на некои посебни услови, туку истите што важат и за другите држави во процесот на приближување кон ЕУ.

Вук Драшковиќ оцени дека обврската за целосна соработка со хашкиот трибунал ќе биде побргу исполнета ако Србија и Црна Гора „веќе утре“ бидат примени во програмата на НАТО Партнерство за мир. Фактот одека изостанува апсењето на Младиќ сериозно го загрозува продолжението на преговорите за склучување договор со ЕУ за стабилизација и асоцијација, рече Драшковиќ и искажа надеж дека генералот наскоро ќе се предаде. Тој смета дека поради „офанзивата на ретроградни сили“ сега е важно итно да им се даде подршка на проевропските сили во Србија и на нејзините граѓани, за појасно да им се укаже европската перспектива и нејзините предности.

Решавањето на големите политички прашања во Србија во текот на 2006-та година ќе отвори перспектива за забрзан економски развој и за побрз пат кон Европа – се согласиле Штајнмаер и Мирољуб Лабус, потпретседател на српската влада. Улога во тоа можат да одиграат и германски стопанственици, кои се заинтересирани за вложување во Србија. Има потенцијали за проширување на стопанската соработка на двете земји, истакнал Штајнмаер. Германија е еден од најзначајните надворешно-трговски партнери на Србија, оценил Лабус искажувајќи уверување дека биалтералните германско-српски односи ќе бидат унапредени во наредниот период. Во соопштението од кабинетот на Лабус се додава и дека двајцата соговорници ги разгледале можните сценарија по референдумот за осамостојување на Црна Гора.

За време на еднодневниот престој во Белград германскиот министер за надворешни работи треба да оствари средби и со српскиот претседател Борис Тадиќ и премиерот Воислав Коштуница.