1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Европската филмска награда за италијанската „убавина“

СН/емф/дпа/афп8 декември 2013

Италијанскиот филм „La Grande Bellezza - Голема убавина“ е прогласен за најдобар европски игран филм во 2013 година. Филмот на режисерот Паоло Сорентино освои уште три награди на Европската филмска академија.

https://p.dw.com/p/1AUzP
Фотографија: picture-alliance/dpa

Италијанскиот филмски општествен портрет на режисерот Паоло Сорентино беше големиот победник на свеченото додделување на 26. Европска филмска награда во германската престолнина Берлин. Членовите на Европската филмска академија на „Голема убавина“ му доделија дури четири награди , меѓу нив и најпрестижната - за најдобар европски филм во 2013 година. 140-минутниот поетски филм од Италија победи и во категориите најдобра монтажа и најдобра режија. Исто така, италијанскиот актер Тони Сорвило, кој ја толкува главната улога во филмот, ја освои наградата за најдобра машка улога.

Наградата за најдобра женска улога ја освои Белгијката Верле Батенс за улогата во филмот „The Broken Circle - Прекинатиот круг“ на режисерот Феликс ван Хронинген.

Филмската легенда од Франција, Катрин Денев, ја освои наградата за животно дело, додека пак прочуениот шпански режисер Педро Алмодовар ја доби наградата за Европски придонес за светскиот филм.

Уште една европска филмска легенда беше наградена во Берлин. Италијанскиот композитор Енио Мориконе ја доби наградата за најдобра филмска музика за филмот „The Best Offer - Најдобрата понуда“

Германскиот филм „Oh Boy - Ох момче“ на режисерот Јан Оле Герстерс ја доби наградата за најдобар дебитантски филм.