1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Европска историја без граници

Филип Једике / Симе Недевски13 јануари 2013

Историјата на европските земји обично се гледа од национална перспектива. Интернет порталот Хисторијана сака да го промени тоа. Тој содржи модерно обработени теми од европската историја, без државни и културни граници.

https://p.dw.com/p/17Hxo
Фотографија: historiana.eu

Тимот составен од наставници и универзитетски соработници од 30 земји ја претставува историјата на Европа на еден потполно нов начин. „Наша цел се внатрешно европското споредување и мултиперспективното набљудување“, вели д-р Роберт Мајер од Институтот за меѓународно истражување на училишни учебници „Георг Екарт“. Тој е член на научниот совет на проектот Хисторијана (Historiana).  

Во изминатите години имаше многу обиди да се етаблираат европски книги по историја, меѓутоа ниту една од нив не беше вистински прифатена во училиштата. Сега европското здружение на наставници по историја ЕУРОЦЛИО ( EUROCLIO) презеде иницијатива и го основа интернет порталот Хисторијана.  

Контекст наместо хронологија

Berlin DDR Grenze Mauer Checkpoint Charlie 27.10.1961
Берлин за време на Студената војнаФотографија: picture alliance/dpa

Хисторијана не ја пренесува историјата хронолошки, туку тематски. Насловите на прв поглед изгледаат многу сложени, како на пример „Конфликт и соработка“, а сепак зад нив се кријат конкретни студии, меѓу другото и за евакуацијата на децата од Финска за време на Втората светска војна, за ирскиот бран на иселување по 1840 година или за Студената војна.
Овој портал дава мноштво информации за заднината на случувањата: фотографии, цитати и документи, како на пример - оригинални писма на поранешниот американски председател Хери Труман упатени до неговиот министер за надворешни работи Џејмс Бирнс.

Предноста на дигиталната понуда

Хисторијана ги користи мултимедијалните можности на интернет. Покрај бројните фотографии и карикатури, тука има и интерактивни географски карти и други визуелни елементи со кои се објаснуваат сложени историски настани. Авторите сметаат дека големата предност на Хисторијана е тоа што таа едноставно може да се збогати со нови теми. „Дигиталната понуда ги опфаќа и перспективите на малите држави. Ако е добро структурирана, бројот на текстовите може да биде неограничен“, смета Урлих Бонгертман, претседател на Сојузното здружение на наставници по германска историја.  

Хисторијана веќе сега содржи резултати од истражувања од Бугарија, Данска или Естонија. Историјата на тие земји обично не е обработена во учебниците во другите европски земји. Иако овој портал се’ уште е во тест фаза и засега е само на англиски јазик, тој веќе сега може да се користи. Целна група се личностите заинтересирани за историја, учениците и наставниците. Тие истовремено можат да придонесат и за проширување на содржината на порталот. 
 

Ulrich Bongertmann, Bundesvorsitzender des Verbandes der Geschichtslehrer Deutschlands
Урлих Бонгертман, претседател на Сојузното здружение на наставници по германска историја

Големи очекувањa
 

Хисторијана како заеднички европски дигитален училишен учебник е многу амбициозен проект со голем потенцијал, за што во голем дел се заслужни и нејзините ангажирани автори. „Многу луѓе се одушевени од проектот, па така и оние кои работат на него“, вели Роберт Мајер. Уште пред да биде поставен на глобалната информациска мрежа во септември 2012 година овој портал ја доби наградата World Aware Education која ја доделува Центарот Север-Југ на Советот на Европа. Веднаш по објавувањето на првите содржини пристигна и наградата за европска соработка МЕДЕА.
Дали Хисторијана ќе се етаблира зависи од тоа колку пари ќе има на располагање. До сега авторите работеа бесплатно, а графиката и програмирањето беа финансирани од средства од ЕУ. Урлих Бонгертман е задоволен: „Ние сме среќни поради тоа што Хисторијана како заедничка европска иницијатива воопшто постои.“ А новиот портал сега го чека долг пат до училниците во европските училишта.