1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Европскиот парламент бара почитување на малцинските јазици

Тони Гламчевски23 септември 2013

Усвојувањето на резолуција од страна на Европскиот парламент за загрозените регионални и малцински јазици во Европа, помина речиси незабележано во медиумите.

https://p.dw.com/p/19mDB
Фотографија: picture-alliance/dpa

Во резолуцијата се повикуваат земјите членки на ЕУ да ги поддржат мерките кои имаат за цел да ги зачуваат од исчезнување малцинските и регионалните јазиците, директно финансирање на проекти за нивно изучување и зачувување.

Во резолуцијата за која гласаа 645 европратеници и само 26 беа против, откако таа беше усвоена едногласно на комисиската расправа, Европскиот парламент ги повика земјите членки на ЕУ да ја ратификуваат Европската повелба за регионалните и малцинските јазици.


Потребно е да се почитуваат европските стандарди од сите

Предлагачот и бранителот на резолуцијата, францускиот европратеник Франсоа Алфонси од редовите на Европската слободна алијанса/Зелени, во разговорот за Дојче Веле нагласува дека таа доби широка поддршка од сите политички групу на ЕП. Според него, таа е „силна порака за сите оние држави членки на ЕУ, кои не ги имаат ратификувано или не ги спроведуваат документите за заштита на малцинските и регионалните јазици.

„Тоа е пораката која им е испратена и која им вели, дека постојат европски демократски стандарди и дека тие треба да бидат почитувани од сите европски држави, за да бидат признати како вистински демократии. Како француски европратеник, оваа порака и ја испраќам на француската влада, но исто така и на владата од Грција и на сите други земји кои не ја имаат ратификувано повелбата, поради волјата да наметнат еден единствен јазик – државниот. Тоа е против човековите права и против интересите на населението, бидејќи тоа создава фрустрации и тензии, кои се против интересите на државите. Европскиот парламент е свесен дека малцинските и регионалните јазици се дел од европското наследство кое треба да се заштити. Потоа, потребно е да се воспостави вистинска лингвистичка демократија, која на секој јазик, на секоја култура им дава права и средства и капацитети во најмала мерка да се пренесат од генерација на генерација“, вели Алфонси.

Потребно е да се признае и почитува идентитетот на секого

На прашањето што тој мисли за ситуацијата во која се наоѓа македонското малцинство во Грција и Бугарија, каде немаат право да кажат дека се припадници на македонско малцинсвтво, ниту слободно да го практикуваат и изучуваат својот јазик, европратеникот одговара:

„Тоа е незмисливо. Се наоѓаме во негирање на идентитетот, грчката влада беше осудена од Европскиот суд за човекови права. Грција беше осудена и од Европскиот суд на правдата поради непризнавањето на турското малцинство од Тракија. Тоа што е за жалење, е што и и покрај пресудите, грчката влада продолжува со нејзиното однесување на забрани на култури кои се илјадолетни на нејзината територија и кои треба да бидат познати бидејќи тоа оди во добра насока за да им се додели правдата на сите луѓе, односно да им се признае и прифати нивниот културен идентитет. Во спротивно се произведува револт, големи страдања и тоа не е достојно за европската демократија.“

На забелешката дека се добива впечатокот дека се бара многу повеќе од земјите кандидати за членство во ЕУ, отколку од земјите кои се веќе членки на ЕУ, по овие прашања Франсоа Алфонси, одговара: „Ефективно, тоа е парадоксот. Европската повелба за регионални и малцински јазици влезе на сила во средината на деведесетите години, сите земји кои влегоа порано сметаат дека не се обврзани да ја потпишат. Додека сите други се обврзани, како фундаментални текстови за новите земји членки на ЕУ. Другите земји, кои беа од порано членки на ЕУ и кои се посебно реакционерни ја користат оваа ситуација за да не одат подалеку. Тоа не е достојно и не е оддржливо.

Македонскиот народ кој ја поднесува оваа ситуација ќе имаат се повеќе и повеќе поддршка во Европа за да го наметне своето гледиште“ – заврши европратеникот од групата на Европската слободна алијанса/Зелени. Тој притоа најави дека наскоро нивната пратеничка група ќе излезе со други иницијативи за заштита на македонското малцинство во Бугарија и Грција, чии политички партии се дел од семејството на Европската слободна алијанса.