1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Европскиот пат на Западниот Балкан во магла

Антоанета Ненкова/Борис Георгиевски12 октомври 2012

Хрватска веќе следната година ќе влезе во ЕУ, но останатите земји од Западниот Балкан ќе почекаат, оценија учесниците на трибина на тема евро-интеграции која деновиве се одржа во Софија.

https://p.dw.com/p/16Oki
Фотографија: Getty Images

„Западниот Балкан е како сложувалка. Доколку фали само еден елемент сликата не е комплетна. Оттука важно е ниту една земја да не заостанува во процесот на евро-интеграцијата“, вели косовскиот заменик министер за надворешни работи Петрит Селими.

Експертите очекуваат дека повеќе нема да има прием на земји во ЕУ во пакет. Земјите од Западниот Балкан ќе се придружуваат една по една, но само по завршувањето на предизвиците како што се борбата против корупцијата и организираниот криминал, судските реформи, дијалогот, медиумската слобода. Тоа, пак, е перспективата на заморениот од евро-проширување- Брисел, вели д-р Димитар Бечев од Европскиот совет за надворешна политика.

Кој кога?

Според Селими, Косово ќе воспостави официјални односи со ЕУ до крајот на годината. Но според познавачите на состојбите во Софија, Косово заедно со Босна и Херцеговина се сместени во категоријата „безнадежни случаи“.

По Хрватска која следната година ќе стане 28-та земја-членка на ЕУ, следна земја членка на Унијата ќе биде Црна Гора. Според Димитар Бечев, Црна Гора засега е најнапред во преговорите со Унијата. Минијатурната балканска држава кон крајот на јуни започна преговори за пристапување во ЕУ и надежите на Подгорица се дека ќе биде примена во ЕУ за една деценија.

„Морковот“ за Албанија - статус на кандидат

Најпозитивна е оценката на Брисел за Албанија, рекоа експертите во Софија. Земјата доби препорака за статус на кандидат за членство, но под два услови. Некој можеби ќе добие впечаток дека овие услови ја оддалечуваат европерспективата на Албанија, но при силна политичка волја Тирана има шанса да се доближи до крајната станица, тврди Антоанета Приматарова од Центарот за либерални стратегии.

Stefan Füle EU Erweiterungskommissar
Еврокомесарот за проширување Штефан ФилеФотографија: dapd

Првото „ако" пред Албанија е да ја заврши реформата на правилата за работа на парламентот. Вториот услов е да го измени законот за Врховниот суд. Проблемот во Албанија е силната политичка поларизација меѓу двете главни партии. Но од ноември наваму има напредок во консензусот, забележува Приматарова.

Големото „ако" за Србија е Косово, за Македонија - Грција

Во споредба со останатите земји од Западниот Балкан Србија има сериозни шанси да го направи следниот чекор - од земја-кандидат да започне преговори, вели Димитар Бечев. Но главната политичка пречка е Косово. За Србија Брисел издаде препорака „да го почитува територијалниот интегритет на Косово“ - тоа е доста силна формулација од страна на Брисел, коментира Бечев. Еврокомисијата инсистира Белград да продолжи со нормализирањето на односите со Приштина, вели Бечев. А тоа значи не само формално признавање на Косово, туку и отстранување на пречките во сите економски сфери-автопатишта, авионски летови, роаминг договори, дури и да можеме да играме заедно фудбал, прецизира Петрит Селими. Во моментов Косово увезува од Србија стока за повеќе од 600 милиони евра годишно.

И доколку големото „ако“ за Србија е Косово, за Македонија е Грција. Иако во Извештајот за напредокот има охрабрувачки зборови дека Скопје може да почне преговори, грчкото вето во Советот на министри е најсериозната бариера за тоа Македонија да почне преговори.

А дали и Бугарија ќе го блокира Скопје? Блокадата не е добар модел за Бугарија, категорична е Антоанета Приматарова. Поранешната заменичка министерка за надворешни работи признава дека има одделни бугарски гласови за притисок врз Скопје, но разјаснувањето на тоа кој е во право, а кој не во билатерални спорови не треба да е монета за поткусурување против европерспективата на Македонија и Србија, категорична е Приматарова.

Montage Serbien und Kosovo Symbolbild
Клучниот услов за Србија останува КосовоФотографија: AP/Montage DW

Добра вест - лоша вест

Впрочем, добрата вест од Извештајот за напредокот на Европската Комисија за Западен Балкан е дека процесот на проширување продолжува, и покрај внатрешните проблеми на ЕУ, резимира Димитар Бечев. А лошата е дека она што треба да се случи на Балканот зависи од она што се случува внатре во Унијата. Дали ќе биде надмината кризата и каков ќе биде идниот формат на ЕУ - тоа се двете прашања од кои зависи европерспективата во западниот агол на Балканот.

Ако продолжи економската стагнација во ЕУ, ќе продолжи и економската и политичката стагнација на Балканот. Пристапувањето ќе се одолговлечи и тоа ќе биде нов изговор за да не се прават реформи, резимира Бечев.

Сепак, според Антоанета Приматарова, има и уште една добра вест. Поука од петтото проширување на ЕУ е дека приемот во пакет е и корисен. Според поранешниот шеф на Пактот за стабилност Ерхард Бусек, по пристапувањето на Хрватска може да се размислување и за ново групирање на Балканот на патот кон Европа. И оваа можност се уште не е затворена, тврди Приматарова.