1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Европскиот суд во поддршка на Пактот за финансиска стабилност

13 јули 2004

Со пресудата и се дава право на Европската комисија, која го обжали решението на Министерскиот совет да не се воведуваат санкции против Германија и Франција, како земји кои со превисокото државно задолжување ги кршат критериумите зацртани во Пактот за стабилност на евро-зоната.

https://p.dw.com/p/AeQm

Уште веднаш по маратонската седница на Советот на министрите за финансии од 25. ноември минатата година, кога под притисок на германскиот ресорен колега Ханс Ајхел министрите во Советот се откажаа од воведувањето санкции поради пречекорувањето на границата од 3% ново задолжување, евро-комесарот Педро Солбес налутено изјави: “Ова е нелегална одлука“. Два месеца подоцна тој и поднесе официјално тужба до Европскиот суд. По денешната одлука на судиите, Солбес, кој во меѓувреме стана шпански супер-министер за економија и финансии, заедно со неговите европски колеги ќе треба да донесе нова одлука на Советот за “грешниците“ Германија и Франција. Ним сега повторно им се закануваат санкции од повеќе милијарди, кои со спорната одлука од минатата година беа поместени во далечната иднина, меѓу другото и со ветувањето на Ханс Ајхел дека Германија во 2005-та повторно ќе биде во состојба да ги испочитува критериумите на Пактот за стабилност. Тоа Ајхел го стори од загриженост дека санкциите би можеле да го загрозат опоравувањето на германската конјунктура. Во меѓувреме германскиот министер и самиот вели дека ќе биде тешко да се додржи ваквото ветување.

Ханс Ајхел на пресудата на Европскиот суд одреагира со пофалба, нагласувајќи дека станува збор за многу мудро решение. Тоа ја засилува соработката меѓу европските институции, посебно меѓу министерскиот совет и Комисијата. Ајхел во пресудата меѓутоа исто така гледа и потврда дека не постои механички механизам за воведување санкции при проблеми со почитувањето на критериумите од Пактот за финансиска стабилност. На Министерскиот совет му стои на располагање одреден простор за маневрирање, што тој и го искористи.

Сосема различно од него, политичарите на германската опозиција пресудата ја толкуваат како тешка шлаканица за министерот Ајхел и дури побараа негова оставка. Шефот на Христијанско социјалната Унија Едмунд Штојбер нагласи дека пресудата е јасен сигнал за запирање на размекнувањето на Пактот за стабилност и дека црвено зелената коалиција во Берлин не може своеволно да го нарушува европското право.

Шефот на Либералната партија Гидо Вестервеле оцени:

“Ова е победа на стабилното евро, победа за европските договори. Овде стабилноста на Европа извојува победа против една влада, која веќе не знае што е буџетска дисциплина, туку знае само да прави нови долгови.“

Експертот на помалиот коалиционен партнер во германската влада, Партијата на Зелените, Кристине Шел, пак вели:

“За Германија ова значи дека мораме и понатаму да работиме на отстранувањето на нашите структурални дефицити, што веќе го започнавме. И во иднина ќе мораме да ги исполниме критериумите и да се придржуваме до буџетската дисциплина.“