1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Европските берзи бележат драстичен пад

ЖА/ЖА/макфакс/афп23 април 2012

Шпанија е во рецесија, во Франција претседател може да стане социјалист, во Холандија паѓа владата, а берзанските курсеви бележат минус. Владее страв од продлабочување на евро-кризата.

https://p.dw.com/p/14jiW
Фотографија: Reuters

Европските берзански индекси денеска бележат остар пад по најновите политички превирања во еврозоната и слабиот показател на индустриската активност во 17-члената група.

Лондонски FTSE се наоѓа во негатива од 1,69 отсто на 5.674 поени, франкфуртски DAX е во минус 2,74 отсто, на 6.565 поени, а париски CAC 2,32 отсто, на 3.114 поени. Вкупниот индекс на менаџерите за набавка PMI, што го изработува лондонската компанија Маркит, во април потона на 47,4 поени, од 49,1 поени во претходниот месец.

„Овој показател оди во прилог кон тврдењата дека економската активност во еврозоната најверојатно ќе влезе во рецесија“, изјави Марк Милер од компанијата Capital Economics.

Европските берзи се притиснати и од политичките превирања во Холандија и од резултатот на првиот круг од претседателските избори во Франција, кои ја нагласуваат целата тежина на процесот на воведување на мерки за штедење.

Холандскиот премиер Марк Рут најави оставка, откако владејачката коалиција не постигна договор за намалување на буџетскиот дефицит.

Во Франција, пак, социјалистот Франсоа Оланд, голем критичар на штедењето како излез од должничката криза, оствари тесно водство по првиот круг пред актуелниот претседател Никола Саркози.

„Доколку Оланд за две недели го победи Саркози, Европа ќе мора да се подготви за нова равнотежа на силите, бидејќи тоа ќе значи крај за заедничкиот пат на Франција и Германија и сигурно ќе има негативни последици врз берзите, еврото и неговата стабилност“, смета Штефан Шарфетер од германската Бадер банк.