1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Европските парламентарци бараат решение за спорот со името

Горан Петрески 5 април 2008

Спорот со Грција ќе биде проблем за Македонија и на патот кон Европската унија, предупредуваат неколку звучни имиња од европскиот парламент. Конференција под наслов „Душата на Европа“ во Скопје

https://p.dw.com/p/DcdS
Дорис Пак, европарламентаркаФотографија: Europäisches Parlament

Од Скопје, апел за компромис што ќе ја внесе Македонија во НАТО упатија Јелко Кацин и Дорис Пак. Специјалниот координатор на пактот за стабилност Ерхард Бусек повика наместо во минатото да се гледа во иднината. Сите се гости на конференцијата „Душата на Европа“ што деновиве се одржува во Македонија.

Европските парламентарци бараат решение на спорот за името за Македонија што е можно побрзо да го искористи заслуженото право и да стане дел од Алијансата.

Евроатланската перспектива на Македонија не е загрозена и покрај грчкото вето, смета словенецот Јелко Кацин, пратеник во Европскиот парламент. „Не верувам дека постои каква било причина за триумф на другата страна од границата, бидејќи тие имаат страшни проблеми, тие се заложници на самите себе, и така се прикажаа пред глобалната јавност. Ова се сериозни моменти кога треба да ја покажеме нашата зрелост, ние кои ве притискаме, вие самите и секако Грција. Треба да постигнеме ситуација во која ќе нема победници и поразени, туку сите ќе бидат задоволни“ изјави Кацин.

Не е крај на светот што Македонија не влезе во НАТО, вели германската европарламентарка Дорис Пак, и порачува дека Македонија сега мора да размисли дали и е поважно членството во Европската унија и НАТО или да го зачувува уставното име и со тоа да остане надвор од овие организации.

Според Пак политичарите не треба да мислат само на своите политички кариери туку и на идните генерации. „Не верувајте дека ќе го изгубите културниот идентитет, нема ништо да изгубите дури и со двојно име без оглед дали е горна или нова Македонија или што и да е, вие останувате Македонци.“ изјави Дорис Пак.

На крајот на денот сепак ни е потребно решение какво и да е тоа, вели координаторот на Пактот за стабилност Ерхард Бусек „Еден од проблемите на целиот регион е што сите се навраќаат кон историјата, а треба да гледаат напред во иднината, бидејќи со историја не се решаваат проблемите.“ вели Бусек, оценувајќи дека не е можна дестабилизација на регионот поради тоа што Македонија не влезе во НАТО.