1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Европски монетарен фонд за сигурност на еврозоната

5 јануари 2011

Во 2011 ќе продолжи позитивниот тренд во германското стопанство. Се очекува стопански пораст меѓу 2,2 и 2,5 проценти. Експертите предлагаат и формирање на Европски монетарен фонд за следење на финансиите во еврозоната.

https://p.dw.com/p/QmwQ
Фотографија: DW-TV

„Очекуваме дека порастот во германското стопанство годинава ќе изнесува 2,5 проценти, што е добра вредност, доколку се има предвид дека невработеноста ќе се одржува под 3 милиони. Но, прашање е, што значи сево ова од стопанско-политички аспект? Економската политика треба така да се насочи што ваквото стопанско заздравување ќе резултира со долгорочен економски пораст во Германија и во Европа.”

Ваква прогноза за 2011 во Берлин даде Густав Хорн, Директор на Институтот за макроекономија и истражување на конјуктурата. Клаус Цимерман, пак, претседател на Германскиот институт за стопанството, предвидува стопански раст 2,2 отсто. Тој предупреди дека државните задолжувања, иако ќе бележат помал раст од очекувањата, сепак ќе бидат во пораст! Иако се очекува натамошен бум на извозот и вработувањата, експертите во актуелната германска ситуација гледаат два проблема. Едниот е потребата од натамошно стабилизирање на евро-просторот. Вториот проблем е германската финансиска политика, која е ограничена и поради задолжувањата и нема голем простор за маневар. Токму затоа експертите од Институтот за макроекономија сметаат дека е неопходна институционална рамка која ќе ја стабилизира еврозоната и ќе ги оневозможи кризите кои би биле фатални за нејзината валута.

Gustav Horn
Судбината на еврото во рацете на Европски монетарен фонд - предлага Густав Хорн од ИМК

Интервенции независно од ММФ

„Ние предлагаме формирање на Европски монетарен фонд, кој може и поинаку да се именува. Важно е да има една институција, или агенција, која на европско ниво ќе го следи развојот на билансите и ќе интервенира во кризни ситуации. Со тоа технички ќе може да се интервенира независно од ММФ. Ова е значајно од економско-политички аспект”, подвлече Хорн, потсетувајќи дека секогаш кога во кризни ситуации се вклучува ММФ, за оваа европска тема на заседанијата на Г20 расправаат држави кои се надвор од Европа: САД и Кина.

Последните случувања во еврозоната покажаа дека Кина го користи европскиот вакуум за сопствените интереси. Затоа е битно Европејците самите во свои раце да ги имаат институциите со кои ќе ги надминуваат кризите во сопствениот двор.

Еден таков Европски монетарен фонд би требало да дава евро-обврзници за финансирање на долговите за земјите кои имаат проблеми. Предлог е Европскиот фонд да може да дава обврзници до 60 проценти од бруто домашниот производ на задолжената земја, пјасни Хорн, кој се заложи и за поголемо отворање на Германија за странските производи, со што би дошло до избалансираност меѓу извозот и увозот и шанса за стопански пораст и зголемен пласман би добиле и земјите кои во моментов не се силни.

Deutschland Pressekonferenz von Ursula von der Leyen zu Hartz IV
Министерката Урсула фон дер Лајен најави подобри шанси за вработувања за жените, старите и младитеФотографија: dapd

Посилни од кризата

И министерката за труд и социјала Урсула фон дер Лајен е оптимист за економските случувања во 2011. Според неа, Германија излезе посилна од кризата. Земјата има силен конјуктурен пораст. Кога ќе се погледа побарувачката на работна сила се гледа дека во третиот квартал од 2010 имаше 424.000 отворени работни места. Споредено со претходната година, тоа е плус од 27 проценти! Министерката Фон дер Лајен вели дека во наредниот период акцентот ќе треба да се стави врз оние кои до сега имале лоши шанси на пазарот на трудот: жените кои сакале повеќе да работат, старите кои барале подолго да бидат ангажирани и младите кои биле во неповолна ситуација.

Автор: Силвера Падори-Кленке

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска