1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Европски обвинител ќе ја гони корупцијата во ЕУ

М. Максимовиќ/дв/Б. Георгиевски18 јули 2013

Се проценува дека поради злоупотреби и корупција во земјите-членки, ЕУ секоја година губи најмалку 500 милиони евра. Затоа Европската Комисија сега предлага формирање на Канцеларија на европски јавен обвинител.

https://p.dw.com/p/199zd
Фотографија: picture-alliance/dpa

Дека и самата ЕУ има проблем со корупција, измами и криминал говори податокот дека секоја година европскиот буџет преку злоупотреби на фондовите трпи штети од околу 500 милиони евра. Само во еден случај, обновата и изградбата на автопат во италијанскиот регион Калабрија во 2011. на фиктивни договори и работи потрошени се 388 милиони евра од европските средства за помош. Најчестите примери на злоупотреба на парите од буџетот на ЕУ се однесуваат на финансирање на земјоделски и регионални развојни проекти.

„Јавните финансии се под притисок ширум Европа и секое евро е важно“, порача потпретседателката на Комисијата, Вивијан Рединг. „Земјите-членки годишно пријавуваат измами во висина од околу 500 милиони евра, а реалната сума е далеку повисока. Жртви се ЕУ-буџетот и европските даночни обврзници. Во прашање е федералниот буџет и доколку ние не го одбраниме, никој тоа нема да го стори за нас“, изјави Рединг образложувајќи ја одлуката за формирање на Канцеларијата на европскиот јавен обвинител.

Новото тело првенство треба да го заштити европскиот буџет, да ги воедначи и забрза различните национални законски процедури ширум Унијата. Со формирањето на јавното обвинителство би требало да се надмине и основниот проблем во истрагата на прекуграничниот криминал, затоа што новото тело ќе има јурисдикција во сите членки на ЕУ.

„Канцеларијата ќе ја сочинуваат јавен обвинител и четири заменици, како и делегирани европски тужители кои ќе престојуваат во земјите-членки. Тие ќе бидат задолжени за раководење со истрагите на терен, објаснува европскиот комесар Алгирдас Шемата.

PK Viviane Reding & Algirdas Semeta Europäische Kommission
Вивијан РедингФотографија: EU

Учество по желба

Извештаите на Канцеларијата за борба против корупцијата говорат дека најголемиот број измами и корупција доаѓаат од приватниот сектор или од поединци, додека властите на земјите-членки „неволно“ ги пријавуваат случаите на злоупотреба на европските пари во „својот двор“. Од вкупниот број спроведени истраги, помалку од половината (42,3 отсто) завршиле со пресуда пред националните судови.

Се очекува, новата Канцеларија да биде одобрена од националните парламенти на земјите-членки и и Европскиот парламент и таа да започне со работа на 1. јануари 2015 година. Данска и Велика Британија веќе соопштија дека немаат намера да учествуваат во проектот, додека се‘ уште се чека одговорот од Ирска.