1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Европски суд за човекови права: Тешки случаи, мало влијание

Автор: Дафне Гратвол/Трајче Тосев18 февруари 2010

Предолги судски постапки, измачувања или нехуман однос, повреда на приватната сопственост - случаите со кои се занимава Европскиот суд за човекови права во Стразбур не се воопшто лесни. Како работи овој суд?

https://p.dw.com/p/M3pU
Фотографија: picture alliance/JOKER

Поштенскиот оддел на Европскиот суд за човекови права во срцето на европската населба во Стразбур. Сите жалби најпрвин пристигнуваат во оваа голема, осветлена просторија, таму електронски се регистрираат, добиваат регистерски број и се праќаат на обработка во правниот отсек. Вработените од Азербејџан, Украина, Полска, Турција, Молдавија, Србија, Русија или Франција обработуваат писма на повеќе од четириесет јазици. Ако жалбата биде прифатена, мора натаму да се води или на англиски, или на француски јазик.

EU Archiv Europäischer Gerichtshof für Menschenrechte in Straßburg
Архивата на СудотФотографија: DW

Хајати Турун доаѓа од Турција. Меѓутоа, тој не ги обработува само турските писма: „Има луѓе кои често ни пишуваат поезија. Добиваме се` и сешто. Имаме еден Германец, кој секој ден ни пишува песни на германски. Од пред некое време почна да пишува и на англиски. Имаше поднесено жалба, но не му беше прифатена. Сепак, продолжува да пишува, секој ден.“

Во еден регал, пак, можат да се видат подароци од луѓето, чии жалби биле прифатени - од кутии цигари до морнарски капи. Но, во поштата стигнуваат и писма со закани. Судот за човекови права не секогаш предизвикува симпатии, особено кога ќе осуди некоја од 47 земји-членки на Советот на Европа, кои ја имаат ратификувано Европската конвенција за човекови права.

Сите за еден, еден за сите

Еден од основните проблеми на Судот е следниов: сите 47 судии мора да најдат заедничка линија, која ќе можат да ја следат сите земји-членки, со своите различни правни одредби. Тоа значи дека судиите за многу кратко време мора да бидат запознати со правните системи во другите земји. Ренате Јегер, германската судијка, смета дека тоа е една од најтешките задачи на Судот: „Тоа е задача на секој судија, односно на другите колеги да им го објасни правниот систем во неговата земја. Се разбира, имаме оддел за истражување, кој ни доставува разни извештаи по одредени прашања за земјата што е во прашање. Меѓутоа, ’устата’ на правото, тоа е судијата кој доаѓа од таа земја.“

Околу 95 проценти од сите случаи се одбиваат поради формални причини. Поднесителот на жалбата или ги пречекорил роковите, или, пак, случајот се` уште не поминал низ сите државни инстанци.“

Одлуките - меч без острица?

Europäischer Gerichtshof für Menschenrechte (EGMR) – Das Skurrilitäten-Regal in der Poststelle
Подароци од задоволните поднесители на жалбиФотографија: DW/ Daphne Grathwohl

Кога Европскиот суд за човекови права ќе заклучи дека во одреден случај дошло до повреда на човековите права, тој ја осудува засегнатата држава. Може да побара, на пример, надоместување на штета, промени на законот, па дури и ослободување на затвореници. Спроведувањето на овие одлуки не ги спроведуваат некакви власти, туку политичко тело, односно Комитетот на министри на Советот на Европа, во кој се застапени министрите за надворешни работи на земјите-членки.

Правникот Аксел Милер Елшнер објаснува: „Според Конвенцијата, земјите се обврзани да ги спроведуваат одлуките од Стразбур. Што значи спроведување и како ќе го сторат тоа е прашање, што во принцип им се препушта на самите земји-членки.“

Дали пресудите на Европскиот суд за човекови права се значи меч без острица? Правниците во Стразбур веруваат - не. Зашто политичкиот притисок да се биде ставен на срамен столб поради повреди на човековите права е посилен отколку одредени мерки.