1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Европско-арапски интеррелигиозен дијалог

30 мај 2010

Големиот муфтија, шеикот Ахмад Бадр Ал-Дин Хасун е еден од најзначајните претставници во европско-арапскиот интеррелигиозен дијалог. Сириецот во Берлин го осуди политизирањето на религијата.

https://p.dw.com/p/Nc2u
Шеикот Ахмад Бадр Ал-Дин ХасунФотографија: picture-alliance/dpa

Големиот муфтија на Арапската Република Сирија, шеикот Ахмад Бадр Ал-Дин Хасун, е еден од најзначајните претставници на европско-арапскиот интеррелигиозен дијалог. Неодамна тој беше гостин на фондацијата Конрад Аденауер, блиска на Христијанско-демократската унија на Германија (ЦДУ), на покана од претседателот на фондацијата Ханс-Герт Петеринг, кој од 2007 до 2009 година беше претседател на Европскиот парламент.

Тероризмот се крие под религиозна наметка

Hans Gerd Pöttering MEP Vorsitzender der Konrad Adenauer Stiftung
Ханс-Герт Петеринг од Фондацијата Конрад АденауерФотографија: eukas

Пред учесниците на средбата во фондацијата Конрад Аденауер во Берлин сирискиот голем муфтија се изјасни за толеранција и дијалог помеѓу религиите. Притоа тој особено го осуди политизирањето на религијата како и тероризмот под наметка на религијата: „Сметам дека денес се наоѓаме во поопасна етапа од онаа во 2008 година. Мораме заеднички да го спречиме ширењето на тероризмот, кој во целиот свет се крие под религиозна наметка. Религијата нема никаква врска со тоа. Под таа наметка се кријат терористите кои сакаат моќ, пари и понижување на човештвото.“

Против мешање на религијата и политиката

Mauer zwischen Israel und Palästina bei Jerusalem
Ѕидот помеѓу Израел и ПалестинаФотографија: AP

Големиот муфтија, шеикот Хасун во својот говор се изјасни против било кој вид религиозен притисок или религиозно насилство. Тој вели дека во центарот на религијата е љубовта: „По проучувањето на сите војни, не успеав да најдам Света војна. Убивањето луѓе никогаш не е свето, а наспроти тоа-човековиот живот е свет.“ Сирискиот голем муфтија на средбата изјави дека е против мешање на политиката и религијата. Тој критикуваше дека многу религиозни водачи ја изгубиле од вид нивната мисија и тргнале по политички пат.

Како пример за религиозен конфликт кој всушност бил политички мотивиран, големиот муфтија, покрај конфликтот на Балканот од 1990-те години, го наведе и конфликтот на Блискиот Исток. Големиот муфтија, шеикот Ахмад Бадр Ал-Дин Хасун побара ембарго за оружје за Блискиот Исток од целиот свет, за да се сопре крвопролевањето. Тој се моли ѕидот помеѓу Израел и Палестина да падне мирољубиво, исто како Берлинскиот ѕид пред повеќе од дваесет години. Тој му честита на германскиот народ што тогаш не дошло до крвопролевање.

Дијалогот да започне на универзитетите

Symbolbild Jugend Trialog Schulwettbewerb
Наставата по религија ќе го унапреди дијалоготФотографија: picture-alliance/dpa/DW

Сирискиот голем муфтија смета дека има пречки на патот кон дијалог: „Ме боли тоа што има политички партии, прозападни или арапски, ја користат религијата за да ги оттргнат младите и луѓето од дијалог на културите. Наша задача и задача на политичките партии ширум светот е дијалогот да започне на универзитетите. Во Сирија го практикуваме овој дијалог особено со студентите на универзитетите.“ Шеикот Хасун вели дека само во Германија, во минатите пет години примил над илјада студенти и интензивно дискутирал со нив. Меѓу нив имало Евреи, христијани, а исто така и атеисти и секуларисти.

Според сирискиот голем муфтија, дијалогот може да го унапреди еден вид зедничка настава по етика во првите одделенија, како што е предвидено во Сирија. Потоа може да се продолжи со наставата по религија од седмо одделение. Станува збор за тоа-да се слушнат и почитуваат мислењата на другите. Дијалогот на религиите не смее да биде елитна тема, туку мора да биде застапен во сите области на општеството, оценува големиот муфтија Хасун.

Автор: Сабине Рипергер/ Јасна Мушиќ Јанчулева

Редактор: Александра Трајковска