1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Европско првенство со политички сенки

Штефан Нестлер / Елизабета Милошевска Фиданоска5 јуни 2012

Европското првенство во Полска и Украина почнува за два дена. Спортските радости и очекувања се поматени од политичките настани. Домаќините посветуваат големо внимание на темата - безбедност.

https://p.dw.com/p/15849

Првпат по 36 години, откако во 1976 година најдобрите тимови од континентот беа нагости во тогашна Југославија, едно Европско фудбалско првенство се организира во Источна Европа. Но радоста пред првенството во Полска и Украина е малку поматена. Спортот во последните месеци беше често во сенката на политиката. Случајот на затворената украинска опозиционерка Јулија Тимошенко беше во фокусот на медиумскиот интерес. Многумина високи западноевропски политичари, меѓу кои и новиот француски претседател Франсоа Оланд, не сакаат да патуваат за Украина, за на тој начин да го изразат протестот против повредите на човекови права во земјата. „Сакам фудбал, но она што се случува во Украина е проблем“, изјави Оланд.

Експлозија на трошоците

Европската фудбалска унија УЕФА имаше намера со доделувањето на првенството на држава од поранешниот СССР да придонесе за демократизација на земјата. Но Украина се разви во проблематичен случај, и тоа не само политички. Поради бавните подготовки УЕФА повеќепати се закани дека ќе и‘ ја одземе на земјата организацијата на Европското првенство. Инфраструктурата се‘ уште се чини не му е дорасната на големиот спортски настан. Освен тоа, трошоците експлодираат. Економските експерти очекуваат Украина по завршување на турнирот да има загуби од милијарди евра. За ко-домаќинот Полска изгледите се значително подобри, иако надежите за економски бум како последица на Европското првенство се чинат претерани.

Ukraine, Kharkov EM-Logo
Поради бавните подготовки УЕФА повеќепати се закани дека ќе и‘ ја одземе на Украина организацијата на ЕПФотографија: picture-alliance/dpa

Топ фаворити се Шпанија и Германија

Двете земји домаќини со резултатите на крајот на турнирот веројатно ќе имаат малку врска, зашто и полската и украинската репрезентација би биле среќни кога би го „преживеале“ натпреварувањето по групи. За топ фаворити важат се‘ уште Шпанија и Германија. Европскиот и светски првак од Иберискиот полуостров доминираа со фудбалот во текот на изминатите години и суверено водат на светската ранг листа. Но, поради повреди, во шпанскиот тим ќе нема двајца клучни играчи - шефот на одбраната Карлос Пујол и напаѓачот Давид Вила. Германскиот тим со просечна старост на играчите од 24,4 години е најмладиот на првенството и според експертите, мерено според играта, е близу шпанскиот тим, иако последните тест натпревари даваа поинаков впечаток. „Не размислувам за неуспех“, вели сојузниот тренер Јоахим Лев. Германија чека на голема титула уште од Европското првенство во 1996 година.

Polen Danzig Deutsche Nationalmannschaft
Германскиот тим е најмладФотографија: Reuters

Германската екипа нема време да се подобрува во текот на првенството. Уште во играта по групи ја чекаат тешки противници - Португалија, вице-светскиот првак Холандија и Данска. Многумина веруваат дека Холандија ќе ја освои титулата. Во кругот фаворити се вбројуваат и Франција и Италија. Двете репрезентации се опоравија од неуспехот на светското првенство во 2010 година. Франција дури е непоразена во 20 натпревари. Можеби и Англија, мајката на фудбалот, ќе има што да каже на тема - титула.

Првиот натпревар на Европското првенство се игра в петок (08.06) во Варшава, а финалето е закажано за први јули во Киев. Покрај овие два града, натпреварите ќе се играат уште и во Гдањск, Вроцлав и Познањ во Полска, како и во Доњецк, Харков и Л‘вов во Украина.

Полиција „колку ти душа сака“

Двете земји домаќини посветуваат големо внимание на темата безбедност. Полска најави строги контроли на границите. Хулиганите ќе бидат враќани назад уште при влез во земјата. Во текот на Европското првенство ангажирани ќе бидат околу 10.000 припадници на полските безбедносни сили. Украина, на деновите кога се играат натпреварите, во големите градови ќе ангажира по 7000 полицајци. И владата во Киев е со девиза - нула толеранција за насилство. Амнести Интернешнл критикува дека украинските безбедносни сили при нивните акции, не само против опозиционерите, туку и против фудбалските фанови, често и самите ја пречекоруваат законската граница.

Symbolbild Hooligans EM 2012
Најавени се остри мерки против хулиганитеФотографија: AP