1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Еврото пред се‘!

Ролф Венкел/Жана Ацеска26 јули 2013

Пред точно една година Италијанецот Марио Драги го презеде кормилото на Европската централна банка. Платформата му беше наизглед едноставна - ЕЦБ ќе направи се‘ за да ги спаси еврото и еврозоната. Дали успеа?

https://p.dw.com/p/19EcS
Фотографија: REUTERS

Се‘ беше подготвено за рутински говор пред лондонските банкари. Сепак, времето и местото не беа случајно одбрани. Во публиката седеа важни лиќности како принцот Чарлс, британскиот премиер Дејвид Камерон и шефицата на ММФ, Кристин Лагард. Пред тие луѓе Марио Драги на 26 јули лани изговори две реченици кои ќе бидат цитирани во недоглед: „Европската банка е подготвена да направи се‘ за да го зачува еврото. А веривајте ми, тоа ќе биде доволно“.

Медиумите радо забораваат дека на почетокот на изјавата Драги се огради „во рамките на својот мандат, Европската банка е подготвена...“ Без оваа ограда, звучи некако поодлучно. А има и посилен ефект врз финансиските пазари.

„Краткорочно, со тоа Драги ги смири пазарите. Долгорочно, започна промена во моделот на европската монетарна унија“, вели за Дојче веле Томас Мајер, главен економски советник на Дојче банк. Првата порака на Драги значи беше - оние кои шпекулираат на штета на еврото, нема да поминат добро. Тоа делуваше: берзите престанаа да дивеат, каматите на државните обврзници се вратија во прифатливи рамки, инвеститорите веќе не го селеа масовно капиталот од државите на еврозоната погодени од кризата.

„Ако Марио Драги не направеше ништо, постоеше реална опасност од распад на еврозоната“, смета Михаел Хајзе, главен економист на Алијанц.

„Евентуалниот распад ќе ги чинеше даночните обврзници многу повеќе отколку фондовите за спас на еврото“, вели Хајзе за Дојче веле.

Thomas Mayer Chefvolkswirt der Deutschen Bank
Томас МајерФотографија: picture alliance/ZB

Дали ЕЦБ ќе стане самопослуга?

Критичарите сметаат дека монетарниот мир е платен по преголема цена. Имено,одлуката на Марио Драги - Европската централна банка да ги откупува обврзниците на кризните држави и така да им помогне, всушност е кршење на мастришките критериуми, според кои секоја земја одговара сама за себе.

„Од говорот на Драги важи ново правило - еврото е на прво место“, вели Томас Мајер. Конзервативните економисти предупредуваат дека се работи за преседан, откупот на трулите обврзници речиси е финансиски подарок на кризните држави. Ако им се помага со пари, владите на овие земји нема да штедат и да го санираат буџетот, стравува Мајер.

Chefvolkswirt der Allianz Group Michael Heise
Михаел ХајзеФотографија: dapd

Моментно владите немаат ни храброст ни поддршка за неопходните реформи. Грција се ниша на парламентарно нестабилно мнозинство, во Португалија и Шпанија владите се разнишани, Италија уште не почнала со реформи, а се премислува и Франција, која би можела да стане најпроблематичното дете во Европа.

„Ако изостанат реформи и државите останат во рецесија, ЕЦБ ќе мора да преземе се‘ за да го зачува еврото“, тврди Мајер. Тој додава дека во тој случај Европската централна банка ќе стане самопослуга за презадолжените држави.

Драги постигна мир само со зборови

Оптимистите и поборниците на политиката на Драги на работите гледаат поинаку. Тие потсетуваат дека патот кон купување државни обврзници засега е само теоретски расчистен, но дека ЕЦБ уште не интервенирала на ваков начин вистински.

„ЕЦБ всушност е единствена централна банка која во последните 16 месеци не купила ниедна државна обврзница. Само зборовите на Драги доведоа мир на пазарите“, смета Михаел Хајзе. Валутата е жива, а членкитена еврозоната и натаму се на број, вкупно 17. А од почетокот на идната година ќе им се придружи и Летонија.