1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

220310 Schuldenkrise Euro

23 март 2010

Дојдоа тешки времиња за еврото. Еврозоната се наоѓа пред еден од нејзините најголеми предизвици. Што значи ова за заедничката валута? Дали е загрозена стабилноста на еврото и дали се заканува распад на монетарната унија?

https://p.dw.com/p/MZRm
Различни земји - една валутаФотографија: picture-alliance / chromorange

На финансиските пазари веќе се шпекулира околу тоа кога Грција ќе банкротира. Истовремено, лидерите на земјите од ЕУ се` уште се расправаат околу механизмите за помош на Грција. В четврток во Брисел ќе се состанат и шефовите на држави и влади на земјите-членки на Унијата. Германската канцеларка Ангела Меркел и натаму е против давањето финансиска помош за Грците.

Devisen Euro Dollar Währung Wechselkurs
Вредноста на еврото во однос на доларот продолжува да паѓаФотографија: AP

Што и да произлезе од средбата во Брисел, едно е сигурно - проблемите на Грција им задаваат главоболки и на останатите земји од Европската унија. За Јоаким Старбати, професор по економија на универзитетот во Тибинген, ваквата ситуација е само доказ за тоа дека европските земји се премногу различни за да можат да имаат заедничка валута. Во 1997 година Старбати и уште тројца други професори поднеле жалба пред германскиот Уставен суд против Договорот од Амстердам, со кој се воведе заедничката валута. Нивната жалба тогаш била одбиена, но денеска професорот Старбати гледа дека имал право за одредени работи.

„Кога беше воведено еврото, во монетарната унија влегоа земји со различен политичко-економски профил. Има и критериуми за прием на нови членки во евро-зоната, меѓутоа нивното интерпретирање е многу несериозно, а некогаш земјите не беа воопшто контролирани. Така дојде до здружување на земји, кои социјално-политички погледнато, воопшто не си одговараат.“

Девалвацијата е спасот

Грција во 2007 година имала буџетски дефицит од 14 проценти, во Шпанија и Португалија се отвораат дупки во буџетот од по десет проценти од бруто-домашниот производ. Во поинакви услови, овие земји би требало да посегнат по девалвација. Тоа ќе ги направи нивните извозни производи поевтини на светскиот пазар и ќе привлече директни странски инвестиции. Сепак, ова не може да се случи, затоа што овие земји немаат сопствена валута. Наместо тоа, го имаат еврото. Јоаким Старбати вели:

„Ако го следите развојот во изминативе години, ќе се забележи голема потреба од девалвација во некои земји. Италија би требало да ја девалвира својата валута за 40 проценти, Шпанија за 30. Грција е некаде во средината, а исто и Португалија.“

Карта во една насока до евро-зоната

Symbolbild Konjunktur Ende Rezession Aufschwung
Санација на буџетот, наместо излегување од евро-зонатаФотографија: www.BilderBox.com

Прашањето сега е дали би било паметно овие земји да излезат од евро-зоната и да го спасат сопственото стопанство преку девалвација, се прашува Јирген Матес од Институтот на германското стопанство.

„Тоа не е реално. Мора да се знае дека, фактички, кога една земја ќе влезе во монетарната унија, нема излегување. Особено сега, кога финансиските пазари се` уште стојат на стаклени нозе, ако некоја земја излезе од евро-зоната, тоа ќе значи дека неа ја чека уште потешка финансиска криза.“

И покрај се`, може да се заклучи дека еврото и натаму останува стабилна и атрактивна валута. Остварувањето на сценариото за можен излез на високозадолжената Грција од евро-зоната, од правни и практични причини е малку веројатно, иако тоа е технички изводливо.

Автор: Ролф Венкел / Трајче Тосев

Редактор: Жана Ацеска