1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Егејците не се откажуваат од имотите

28 мај 2010

Постапката за враќање на одземените имоти на Македонците-Егејци е долга и скапа. Дури по исцрпувањето на правните инструменти во Грција, може да се покренува постапка пред Европскиот суд за правдата во Стразбур.

https://p.dw.com/p/Nb8D
Солун: вредни одземени имоти на Македонци

Егзодусот на Егејците, во педестеттите години од минатиот век, го донел Ѓорѓи Доневски во Македонија. По шест децении тој и натаму е еден од најагилните борци за враќање на правата и имотот на десетици илјади Македонци од северна Грција, од каде биле принудени да ги напуштат своите родни огништа.

Доневски го затекнавме во просториите на здружението на Егејците „Незаборав“, во визбата на еден скопски трговски центар.

„Грците ми го имаат напишано името како Георгии Андониу, иако моето вистинско име е Ѓорѓи Доневски, Македонец, како што ме крстиле моите родители во Бапчор“, вели Доневски додека го прелистува атласот со околу 700 села населени со Македонци во Егејска Македонија. Едно од нив, со име Негуш, на 30 км од Воден, е симболот на антифашистичкиот отпор каде се собираат борците од овие краишта, без оглед каде се раселени низ светот.

Македонскиот парламент, пред две години, донесе резолуција за правна и материјална помош за Егејците при повратот на нивниот конфискуван, експропиран или сосила одземен имот во Северна Грција. Владата во Скопје формира и координативно тело во МНР кое обезбедува меѓународна правна помош и комуникација со грчките органи преку дипломатските претставништва во Атина и Солун.

Колкава е вредноста на имотот што останал запленет во Грција, го прашуваме Доневски.

„Непријатно е да кажам, понекогаш ми забележуваат кога ке речам дека се работи за најмалку 5-6 милијарди евра во денешна вредност и тоа по најниски цени, од 80 евра за квадрат изградена куќа или 50 евра за земјиште, градежно или аграрно. Има луѓе чии имот денеска би се вреднувал најмалку со 100 до 150 милиони евра, зашто се работи за куќи во Солун, приморскиот брег или огромни посеви во Воденско или Леринско. Да не зборуваме за изгубена добивка во овие шест децении, зашто не сме ги користеле“, вели Доневски.

Компликувана судска процедура

Повеќе од 8 илјади апликации се пополнети од македонски баратели, со над 50 илјади наследници на имот запленет од диктаторскиот режим во Грција, велат во здружението „Незаборав“. Со нив мора да се настапува пред грчките матични служби и судови кои треба најпрвин македонското име да го поистоветат со имињата на Македонците запишани во тамошните книги на родени. Тоа е услов да се добие статус на легитимирана странка пред атинските судови, во барањата да се врати одземениот имот или да се добие обештетување, појаснува Трендафилка Сандева, адвокат која им помага на протераните Егејци.

„Се‘уште не е отворена ниту една постапка пред грчките надлежни органи за оние што живеат во Македонија. Пронајдовме акти за експропријација на цели села, иако грчките органи тоа го направиле со поединечни одлуки за одземање на куќите и имотот како во случајот со Дмбени“, вели Сандева.

Skopje Zentrum
Македонија донесе резолуција за правна помош во враќањето на имотитеФотографија: DW

Има и успешни епилози

Доневски го истакнува успешниот епилог на еден од Егејците кој се иселил во Австралија и успеал, по долги судски процедури, да си го поврати имотот наследен од неговите протерани родители во воденско.

„Но тоа го чинело поскапо од вредноста на повратените ниви и куќа, зашто адвокатските услуги во Грција се прескапи, но се заинатил и сакал да си ја врати оставината од родителското стебло“, пренесува Доневски дел од исказот на Македонцот, чија голгота започналао со егзодусот 48-та, па престојот во домовите во Полска, потоа враќањето во Македонија и конечното негово иселување во далечната Австралија.

„Најважно е да се добие една позитивна одлука на грчките судови за враќање на имот на Грци по род, како што ги нарекуваат Егејците“, посочува правниот консултант Сандева. Со неа ќе биде јасно дали ќе се врши обештетување или физичко враќање на одеземниот имот на директните сопственици или нивни наследници. Тие пак мора да ја завршат оставинската постапка пред македонските судови, одлуките да се преведат на грчки и достават до тамошните трибунали, вели адвокатот. Постапката ќе биде долга и веројатно скапа, но и имотот не е безвреден, вели Сандева. Дури откако ќе се исцрпат правните инструменти во Грција ќе може да се покренува постапка и пред Европскиот суд за правда во Стразбур. Оттаму, пред шест години, се вратени апликации со 2 илјади барања за рефундирање на конфискуваните имоти на протераните Македонци. Засега им е вратен имотот само на оние кои пред три децении се вратиле во Грција откако тогашната влада на стариот Папандреу, во 80-тите години донела декрет и им дозволила враќање на бунтовниците од граѓанската војна, дополнува се‘уште виталниот Доневски.

Тој со резигнираност ги отфрла обвинувањата во дел од македонската јавност дека Егејците, особено со нивниот тврдокорен став за непроменливост на името и се‘ поагилните постапки за враќање на одземените имоти, се причина за нерешавње на спорот со јужниот сосед.

Автор: Александар Чомовски

Редактор: Жана Ацеска