1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Егзекутиран тетинот на севернокорејскиот лидер Ким Jонг Ун

БГ/миа13 декември 2013

Властите во Пјонгјанг соопштија дека е егзекутиран Јанг Сонг Таек под обвинение за „предавство и за обид за приграбување на власта“. Државната пропаганда јавува дека ковал заговор да ја преземе власта.

https://p.dw.com/p/1AYdV
Фотографија: Reuters

Јонг Сонг-таек, до неодамна втор човек во политичкиот врв во Северна Кореја и тетин на севернокорејскиот лидер Ким Jонг Ун, претходно беше прикажуван како „добриот тетин“ кој му помага на Ким да ја консолидира политичката позиција, но во официјалното соопштение на севернокорејската државна агенција за егзекуцијата тој е опишан како човек кој смртта на претходниот лидер Ким Jонг Ил, кој почина во декември 2011 година, ја гледал како шанса за да го предизвика својот внук и да ја презема власта во земјата.

Во соопштението се вели дека тој бил изведен пред суд и потоа егзекутиран, откако бил обвинет дека планирал да ја „уништи државата, користејќи сплетки и заговори, како и подли и валкани методи, воден од дивите амбиции за приграбување на власта во партијата и во државата“.

Невообичаено деталното соопштение на властите во Пјонгјанг за случајот, доаѓа само неколку дена по службеното соопштение од Северна Кореја дека доскорешниот висок функционер и близок роднина на Ким Jонг Ун е сменет и разрешен од сите функции што дотогаш ги имаше. И покрај острите зборови во тоа соопштение објавено во понеделникот, во него немаше никаква најава дека Јанг Сонг Таек ќе биде егзекутиран. Откако ја презеде лидерската функција, по смртта на неговиот татко Ким Јонг Ил пред две години, актуелниот севернокорејски лидер изврши неколку политички чистки, но ниту една од нив не беше толку јавно презентирана, ниту пак со неа беа опфатени лица блиски до самиот врв на земјата или негови блиски роднини, како што е тоа елиминацијата на Јанг Сонг Таек.

Jang Song Thaek und Kim Jong Un
Јанг Сонг Таек и Ким Јонг УнФотографија: Jung Yeon-Je/AFP/Getty Images

За странските набљудувачи кои од Јужна Кореја ги следат настаните на Северот, тој важеше за политичар наклонет кон реформи. Во приватниот живот Јанг Сонг Таек беше сопруг на сестрата на поранешниот лидер Ким Јонг Ил.