1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Египетската армија ќе ја предаде власта на крајот на јуни

СН/ЕМФ/ртр/афп/миа18 јуни 2012

Египетскиот Воен совет најави дека армијата ќе му ја предаде власта на новоизбраниот претседател, чие име не се споменува, на крајот од месецов.

https://p.dw.com/p/15H5A
Фотографија: picture-alliance/dpa

„Армијата ќе ја предаде власта на избраниот претседател на голема церемонија на крајот на месецот, чиј сведок ќе биде целиот свет“, ги цитираше зборовите на генерал-мајорот Мохамед ел Асар, египетската државна агенција МЕНА. „Египет е модерна демократска држава која ги почитува сите демократски вредности“, истакна Ел Асар кој е член на владејачкиот воен совет на Египет. Оваа изјава на висок претставник на воените власти во Египет доаѓа во период на исчекување на официјалните резултати од дводневниот втор круг претседателски избори кој заврши вчера.

Морси прогласи победа

Präsidentschaftswahl in Ägypten Mohamed Mursi
Мохамед Морси, кандидат на Муслиманското братство за египетски претседателФотографија: Reuters

Муслиманското братство прогласи победа на својот кандидат Мохамед Морси над неговиот ривал поддржан од воените власти во земјата Ахмед Шафик. Најмоќната партија во Египет објави резултати од пребројувањето на гласовите во 95 отсто од 13.000 избирачки места во земјата, според кои Морси освоил 52,5 насто, а неговиот противкандидат Ахмед Шафик, последниот премиер во режимот на Хосни Мубарак - 47,5 отсто од гласовите.

Изборниот штаб на Шафик, одби да го признае поразот обвинувајќи го Морси дека сака да ја украде победата.

„Зачудени сме од изјавите на Муслиманското братство, кои го прекршуваат изборниот закон“, изјави претставник на изборниот штаб на Шафик. Тој тврди дека неговиот штаб располага со податоци според кои Шафик освоил 52 процента од гласовите, но за да не биде прекршен законот нема да објавува бројки.

Во денешната изјава високиот претставник на врховниот воен совет на Египет не го наведува името на новиот претседател кому ќе му биде предадена власта.