1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Египетската економија во слободен пад

Ролф Венкел / Елизабета М. Фиданоска16 август 2013

Крвавите безредија во Египет ѝ зададоа голем удар на економијата во земјата - туристите се откажуваат од патување, странските фирми го запираат производството, се даваат предупредувања да не се патува во Египет.

https://p.dw.com/p/19R0O
Фотографија: picture alliance / AP Photo

За земјата на Нил има сѐ помалку резервации, јавуваат германските туристички оператори. Првите странски концерни привремено го запираат производството. Германските стопанственици, сепак, според информации на Германската индустриска и трговска комора (ДИХК) не сакаат да се повлечат од Египет. Досега нема такви сигнали.

Претпријатијата кои се присутни во Египет не го „фрлаат пешкирот“, нагласува шефот на ДИХК за надворешно стопанисување Фолкер Трајер. Но, „германските претпријатија во Египет, кои вработуваат 24.000 Египќани, сега привремено ќе мораат да ги затворат вратите“, вели Трајер, додавајќи: „Логистичките синџири се прекинати, работниците делумно не можат да стигнат до претпријатијата, владее затишје.“

Клуч и чекање

Вториот по големина во светот производител на апарати за домаќинство, „Електролукс“, привремено го запира производството во Египет. Од таа мерка се погодени околу 7000 работници. Портпарол на концернот изјави дека во текот на утрешниот ден (17.08) ќе биде разгледана можноста за повторен почеток на работата. И „Џенерал моторс“, концернот мајка на „Опел“, ги запре производните ленти во Каиро, каде вработува 1400 луѓе.

Затворени засега остануваат и канцелариите на најглемиот европски концерн за нафта „Ројал Дач/Шел“. Загриженоста дека безредијата би можеле да имаат последици по транспортот на сурова нафта преку Суецкиот канал предизвика зголемување на цените на нафтата.

Hurghada
Парите од туризмот му се неопходни на ЕгипетФотографија: picture alliance/Robert Harding World Imagery

„Нема бран на сторнирање“

Безредијата значат катастрофа за туризмот во Египет. Земјата има итно потреба од приходите што ѝ ги носи туризмот, но бројот на резервации е далеку под нивото од времето пред Арапската пролет, кога приходите од туризмот изнесуваа околу 10 милијарди евра. Оттогаш тие бележат пад од една третина, а сега се откажуваат дури и крстарењата по Нил. Не се можни ниту екскурзиите до храмовите.

Германските туристички оператори сега нудат уште само одмор во многу оддалечените туристички центри на Црвеното Море. Поголемиот дел од туристите имаат можност бесплатно да извршат промена на резервациите и дестинациите. „Тоа туристите го расчистуваат со организаторот на патувањето“, вели портпаролката на Германскиот туристички сојуз Сибиле Цоијх, која додава: „Но не постои бран на сторнирање или пререзервирање, а не сме запознати ниту со тоа дека има зголемена желба да се отпатува од Египет предвреме.“

Министерството за надворешни работи препорачува да не се патува во Египет

Германското Министерство за надворешни работи во меѓувреме ги заостри безбедносните предупредувања во однос на Египет и денеска препорача да не се патува на целата територија на Египет. Во главниот град Каиро ситуацијата е „многу влошена“, додека во туристичките центри на Црвеното Море состојбата е „поинаква во моментов“, изјави во Берлин портпаролот на министерството, Андреас Пешке.