1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ägypten Unruhen

15 октомври 2011

Половина година по падот на Хосни Мубарак во Египет повторно се случија насилни судири. Министерот за финансии Хазем ел Беблави поднесе оставка, разочаран од процесот на демократизација во Египет.

https://p.dw.com/p/12qd2
Армијата се’ уште на чело на ЕгипетФотографија: DW

Требаше да биде само преодно решение, но стана долгорочна провизорна ситуација: повеќе од половина година главниот збор во политиката го има египетската војска. Поради тоа негодуваат многумина, впрочем преодната влада во февруари годинава вети дека во рок од шест месеци ќе ја предаде власта. Меѓутоа високиот воен совет и натаму ги дава насоките во политиката.

Тоа ја намали довербата на граѓаните во војската, проценува Оливер Шлумбергер, професор по политички науки на Универзитетот во Тибинген. Кратко по падот на Мубарак беше поинаку. „Тогаш се велеше, народот и војската се едно. Мислам дека ваквото мислење повеќето граѓани во меѓувреме го сметаат за минато. Јасно е дека војската сака да остане на власт.“

Војската никогаш не ја поттикнувала демократијата

Изминатите недели жителите на Египет постојано излегуваа на улица да го изразат незадоволството од преодната влада. Безбедносната ситуација веќе одамна е затегната. Но, дека ќе ескалира како изминатиот викенд, никој не се надеваше. Сади Хамид од Брукингс Доха центарот и експерт за Египет е изненаден од судирите во Каиро, иако речиси морало да се смета на такво нешто. „Беше само прашање на време. Војската никогаш не била организација која ја поттикнувала демократијата - конечно 30 години му беше поддршка на режимот на Мубарак. Мислам дека веднаш по револуцијата постоеше еурфорија и верба дека војската навистина е на страната на народот. Но, требаше да бидеме помудри. Војската едноставно го поткопува преодниот процес во Египет.“

Ägypten Kairo Revolution Mubarak Sturz Rücktritt 13.02.2011
Египетската војска не сака да се откаже од привилегиитеФотографија: AP

Тоа што војската покажува мал интерес за вистинска демократизација има и причина: транспарентен политички систем ќе значи и крај на привилегиите, а нив на големо ги уживаат египетските војници, аргументира Оливер Шлумбергер. „Нивните привилегии во прва линија се што не мора да поднесуваат отчет, колку јавни средства трошат.“

Колку и да се матни старите врски внатре во армиските редови, едно е очигледно: египетската армија мора да манифестира сила, оти само преку неа се легитимира, подвлекува Шлумбергер. Нејзе и’ погодуваат безредија, демонстрации и хаотични состојби.

Flash-Galerie Ausschreitungen zwischen Kopten und Militär in Ägypten
Војската ќе се спротивстави на сите кои ги загрозуваат нејзините интересиФотографија: DW

Експертот за Египет, Сади Хамид, меѓутоа не верува дека војската намерно презела акции против коптските христијани. „Египетската војска нема јасна идеологија. Кој и да и’ се спротистави на војската и на нејзините интереси, тој ќе биде нападнат. Тоа може да бидат христијани, исламисти, либерали, сеедно.“

Не е ни чудо што малцинствата, а пред се’ коптите, се чувствуваат загрозени, посебно затоа што последните месеци имаше засилено судири меѓу христијаните и муслиманите. Многумина набљудувачи критикуваат дека војската не презела решителни мерки против тоа.

САД имаат средства да извршат притисок

Експертот Сади Хамид бара поголем меѓународен ангажман, пред се’ од САД. „САД се најголемиот донатор на египетската војска. Тие обезбедуваат најмалку една петина од буџетот на египетската војска - што е навистина голем дел. Тоа значи дека САД имаат средство, со кое можат да извршат притисок врз војската, тие можат јасно да стават на знаење дека постапките на армијата од викендот се неприфатливи.“

Ägypten Proteste
Народот и војската во колизија!?Фотографија: dapd

Доколку процесот на демократизација успее, тогаш тоа ќе биде одлучувачки чекор да се побара поголема одговорност од раководството на војската, нагласува Оливер Шлумбергер: „Не би се надевал дека во рок од наредните шест месеци или една година војската ќе се повлече од власта. Прашање е уште колку долго населението ќе има трпение да биде раководено од војската.“

Во секој случај на подолг рок интересите на војската и на народот ќе се најдат во колизија. Судирите од викендот се доказ за тоа.

Автор: Ане Алеминг/ Александра Трајковска

Редактор: Горан Чутаноски