Египет избира меѓу две зла?
16 јуни 2012Право на глас во земјата имаат 50 милиони луѓе и за новиот египетски претседател ќе се гласа два дена. Ова е вториот круг од изборите и медиумите јавуваат дека пред гласачките места се создадени редици на гласачи. Тоа се првите слободни претседателски избори во историјата на земјата.
Сепак, ниту парламентот, ниту уставот имаат дефинирано каква моќ ќе има претседателот на земјата и со тоа 82 милиони Еѓипќани, странските инвеститори и сојузниците од САД и Европа се несигурни каква ќе биде државата на најбројната арапска нација. Во земјата се поткренати тензиите и со наредбата на судот за распуштање на новоизбраниот парламент, во кој доминира Муслиманското братство.
Многу од жителите на Египет изјавуваат дека ќе ги поништат своите гласачки ливчиња, наместо гласот да го дадат за Ахмед Шафик, 70-годишниот поранешен воен функционер и последен премиер во времето на Хосни Мубарак, или за Мохамед Морси, 60-годишниот член на Муслиманското братство. Многу граѓани стравуваат дека Египет може да се врати во времето на стариот режим, доколку Шафик стане нов претседател на земјата. Во исто време, тие стравуваат дека доколку победи кандидатот на Муслиманското братство, граѓанските слободи ќе бидат нарушени.