1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Египет меѓу радоста и неизвесноста

14 февруари 2011

Два дена по оставката на Хосни Мубарак, армијата во Египет ги обелодени своите претстави за премин кон демократија. Парламентот е распуштен, а во рок од шест месеци во земјата треба да се одржат избори.

https://p.dw.com/p/10GkP
На потег е војскатаФотографија: AP

Според онлајн-магазинот „Штерн“, кој се повикува на неименувани извори, Хосни Мубарак уште во петокот од одморалиштето Шарм ел Шеик, со приватната авиокомпанија Ер Арабија одлетал за Шарџа. Во емиратот, кој е еден од Обединетите Арапски Емирати, заминал и министерот за индустрија Мохамед Рашид, против кого веќе била издадена забрана за напуштање на земјата. Штерн тврди дека семејството на Мубарак е сместено во палата на шеикот Султан бин Мохамед ал Каисм, кој владее во Eмиратот. Ваквите информации се демантирани од страна на Обединетите Арапски Емирати, а деманти доаѓаат и од новото раководство во Египет.

Revolution in Ägypten
Фотографија: AP

Армијата најавува демократизација

Во меѓувреме, во земјата, Воениот совет најави распуштање на парламентот и нови избори. Освен тоа, суспендиран е и уставот на земјата, кој треба да претпри промени. Претходно, одржана беше и првата седница на преодната влада, по што премиерот Ахмед Шафик, на прес-конференција најави:

„Наш највисок приоритет како влада е враќање на безбедноста за сите египетски граѓани. Чувството на несигурност, кое владее од почетокот на протестите, мора да исчезне. Дел од нашите најважни задачи е и враќање на нормалноста во секојдневниот живот.“

Сето ова не ги смирува сосема опозиционерите во Египет. Интернет активистот и менаџер во Гугл, Ваел Гоним, на социјалната мрежа Твитер напиша: „Најголема грешка сега би била на народот да му се нуди премалку, пребавно. Повторното стекнување доверба бара побрзо темпо.“

Носителот на Нобеловата награда за мир Мохамед ел Барадеј, според наводи на Си-Ен-Ен, изјавил дека армијата мора да излезе од нејзините касарни и на луѓето да им соопшти во која насока се оди.

Revolution in Ägypten
Фотографија: AP

Плоштадот Тахрир, во центарот на Каиро, во изминатите два дена го напуштија илјадници луѓе, но има и такви кои велат дека остануваат, се‘ дека не бидат сигурни дека земјата оди во насоката што ја бараат. Засега, военото раководство во Египет не зборува за укинување на вонредната состојба, воведена уште пред 30 години, а останува неодговорено и прашањето за ослободување на политичките затвореници.

По трагата на парите од Египет

Швајцарија и Велика Британија, во меѓувреме, трагаат по евентуални сметки со проневерени пари од Египет. Швајцарската министерка за надворешни работи Калми-Реј изјави дека нејзината земја не сака „нечисти пари“. Британскиот весник „Сандеј Тајмс“ напиша дека Мубарак и неговото семејство во Велика Британија имаат пари, недвижнини и друго богатство и дека во моментов се разгледуваат можности за замрзнување на овој имот. Богатството на семејството Мубарак, наводно е сместено во банки во Велика Британија и Швајцарија, и го има во облик на недвижнини во Лондон, Њујорк и Лос Анџелес.

Автор: ЕМФ/ЖА/дпа/афп/дв

Редактор: Жана Ацеска