1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Египет очекува враќање на туристите

21 март 2011

Од почетокот на револуцијата, на 25 јануари, туризмот во Египет претрпе големи штети, што за 12-те проценти од вкупно 80-те милиони Египќани кои живеат од туризам има тешки последици.

https://p.dw.com/p/10Yml
Пирамидите кај Гиза беа магнет за туриститеФотографија: AP

Пирамиди, крстарење по Нил и одмор на плажите на Црвеното Море - туризмот е една од најважните стопански гранки во Египет, која во брутодомашниот производ учествува со 11,6 проценти. Лани повеќе од 14 милиони туристи ја посетиле земјата на Нил, само од Германија - 1,3 милиони луѓе. Но, од почетокот на револуцијата, на 25 јануари, туризмот претрпе големи штети, што за 12-те проценти од вкупно 80-те милиони Египќани кои живеат од туризам има тешки последици.

Доведена е во прашање егзистенцијата на луѓето и животните

Во моментов особено им е тешко на камиларите и на сопствениците на коњи во близина на пирамидите, зашто туристи речиси нема. Само покрај пирамидите кај Гиза постојат 40 штали со коњи и камили. Најголем дел од луѓето поседуваат само едно или две животни:

Beduine reitet ein Kamel in Sinai Desert
Камиларите на удар на кризата во туризмот во ЕгипетФотографија: AP

„Луѓето овде немаат никакви приходи, не можат ниту да ги прехранат своите животни. Вчера бев кај една жена со дванаесет деца, два нејзини коњи умреле, а двете камили ги купила на кредит. Не може ни децата да ги прехрани“, раскажува Амир Кали, ветеринар.

Тој допатувал од Виена во татковината преку организација за заштита на животните, за да се грижи за неисхранетите и често болни животни. И покрај моментните проблеми верува дека револуцијата позитивно ќе го промени Египет:

„Во странство живеам веќе 25 години, моите деца се во Виена, не зборуваат арапски, но по 25 јануари, мислам дека ќе научат“, со солзи зборува Калил.

Според него, духот на револуцијата се чувствува насекаде, пред се‘ меѓу студентите кои му помагаат и работат волонтерски, зашто сакаат да придонесат во обновата на својата земја, која се судира со бројни тешкотии.

Надеж во подобро утре

Официјално, загубите поради моментната криза во туризмот изнесуваат околу една милијарда евра.

„И покрај тоа, верувам дека ќе успееме да ги надоместиме следните месеци, со зголемување на бројот туристи во Египет, зашто тие сочувствуваат со нас“, истакнува египетскиот министер за туризам Мунир Факри Абделнур.

Urlaub Ägypten
Фотографија: DW

Инаку, старите структури мора да бидат заменети и во оваа бранша. Во времето на екс-претседателот Мубарак, од туризмот профитираа само малкумина од неговиот режим. По револуцијата на плоштадот Тахрир експертите се надеваат дека приходите нема да се слеваат само во неколку џебови:

„Очекувам намалување на корупцијата во туристичките инвестиции, што позитивно ќе влијае врз египетското стопанство и ќе ги зголеми домашните и странските инвестиции“, вели Галал Амин, економски стручњак од Американскиот универзитет.

На тоа се надеваат и оние кои во сегашната ситуација најмногу страдаат, како на пример Мохамед Ашур, кој ги стриже животните и заработува од волната:

„Сега навистина не доаѓаат туристи, но подоцна се‘ ќе биде подобро, не е важно што сега имаме проблеми. Кога туристите ќе дојдат повторно, веднаш ќе ја забележат разликата, по оваа фаза животот ќе биде уште поубав“, уверен е тој.

Ваква надеж постои кај мнозинството Египќани. Мохамед Ашур е сигурен дека во иднина работата ќе се исплаќа, почнувајќи од најмалите до најголемите фирми.

Автор: Карин Каилс/Жана Ацеска

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска