1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Египет пред бура

ЖА/дв/дпа/ртре30 јуни 2013

Египет е во напрегнато исчекување на големите демонстрации кои една година по стапувањето на функцијата на претседателот Мохамед Мурси, сакаат да го соборат. Голем број странци ја напуштија земјата.

https://p.dw.com/p/18yeW
Фотографија: Reuters

Пред масовните протести најавени за денеска, дојде до тешки нереди низ целата земја. Од петокот во судирите меѓу приврзениците и противниците на претседателот Мурси се убиени најмалку 4 лица, аоколу 140 се повредени, соопштија службите. Меѓу жртвите е и еден 21-годишен американски граѓанин, потврди американското министерство за надворешни работи. Според него, се работи за практикант на американската организација АМИДЕАСТ. Според египетските власти, тој бил прободен со нож додека ги фотографирал протестите во Александрија. Поради нередите, САД повлекоа дел од својата амбасада во Каиро, а на своите државјани им советуваа да го напуштат Египет. Американскиот претседател вчера изрази загриженост поради новиот бран насилство и ги повика египетските власти да водат сметка за безбедноста на американските претставништва. Бројни странци ја напуштаат земјата, авионите се полни.

Десетици илјади противници на египетскиот претседател Мохамед Мурси денеска се очекува да излезат на улиците во повеќе градови и да побараат негова оставка. Голем број граѓани се уверени дека масовните протести ќе го означат почетокот на нова револуција во земјата. Истовремено, многумина стравуваат дека ако ситуацијата излезе од контрола, тогаш на земјата и‘ се заканува граѓанска војна.

Ägypten Protest
Фотографија: Str/AFP/Getty Images

Армијата предупреди дека ќе интервенира доколку се случи насилство, во спротивно ќе ја почитува волјата на народот.

Организатори на денешниот протест е младинското движење „Тамарод“ („Востание“), кое собра околу 22 милиона потписи против Мурси. Лидерите на движењето планираат да им ја предадат петицијата на судските органи за да започне процес за соборување на претседателот од власт. Движењето е поддржано од други опозициски сили, на прво место од најголемиот либерален Фронт за национален спас.

Поради денешните планирани протести и контрапротести зајакнати се безбедносните мерки. Веќе три дена армијата ги затвори копнените граници. Дополнителни воени единици се распоредени на Синајскиот полуостров, каде се наоѓаат илјадници вооружени екстремисти кои се подготвени при првиот сигнал да притекнат во заштита на исламистичката власт. Сите полицајци се, исто така, мобилизирани. Осум пратеници од Горниот дом на парламентот вчера изјавија дека го напуштаат законодавниот дом за да им дадат поддршка на противниците на Мурси.