1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Египет слави во транс

12 февруари 2011

По оставката на претседателот Хосни Мубарак, армијата, која ја презеде власта, соопшти дека останува привремено старата влада и дека ќе ги почитува сите меѓународни договори на земјата.

https://p.dw.com/p/10GCy
Славје во КаироФотографија: picture-alliance/dpa

Војската во Каиро денеска започна да ги расчистува барикадите од плоштадот Тахрир, кои демонстрантите ги подигнаа заради одбрана од приврзениците на сега екс-претседателот. Луѓето притоа помагаат. Тенковите се тргнати настрана.

„Ова е новиот ден на победата, ние сме како препородени“, со вакви извици претпладнето во центарот на Каиро продолжи веселбата од ноќните часови на илјадниците луѓе-нивната желба синоќа беше исполнета-по 30 години на власт, Мубарак се повлече од функцијата, како што соопшти потпретседателот Омар Сулејман. Се вееја знамиња, се пееше и танцуваше. Дел од луѓето го напуштаат плоштадот Тахрир, дел остануваат во исчекување-кои ќе бидат следните чекори во правец на бараната демократизација.

NO FLASH Ägypten nach Mubaraks Rede
Фотографија: picture alliance /dpa

Власта во земјата Мубарак ја пренесе врз армијата. Досегашниот министер за одбрана Мохамед Хусеин Тантави кратко потоа издаде соопштение во кое вети дека армијата нема да ги стави под прашање желбите на народот.

75-годишниот маршал го раководи Воениот совет и сега е првиот човек во Египет. Тој 20 години беше министер за одбрана и важеше за најблизок соработник на Мубарак, го нарекувале и „Пудлицата на Мубарак“.

Олеснување во цел свет

Промената во Египет е поздравена во цел свет. Но, сега се врти погледот кон тоа накаде ќе оди земјата.

Американскиот претседател Барак Обама настаните во Египет ги спореди со падот на Берлинскиот ѕид. Ја пофали улогата на армијата досега, но постави и барања:

„Египетската армија реагираше патриотски и одговорно. Сега мора да се обезбеди премин на власта кој ќе биде веродостоен во очите на народот. Мора да се штитат правата на граѓаните, да се укине вонредната состојба, да се промени уставот и законите. Армијата мора да обезбеди јасен пат кон фер и слободни избори“, изјави Обама.

Демократите од американскиот Конгерс ја предупредија египетската армија дека ќе и‘ ја скратат воената помош во случај на погрешни постапки. Египетскиот народ за време на повеќедневните протести покажа почит кон војската, сега таа не смее тоа да го прокоцка, изјави конгресменот Патрик Леи. „Доколку армијата ја злоупотреби довербата на народот, тоа би бил удар за нашите односи со Египет и закана за долгорочната соработка“, додаде тој.

Германската канцеларка Ангела Меркел промените во Египет ги нарече историски, а министерот за надворешни работи Гидо Вестервеле на новото египетско раководство му понуди „партнерство во процесот на трансформација“ со Германија и со ЕУ. Сега е важно „да се поддржи развојот во насока на демократија“, изјави Вестервеле, истакнувајќи дека е важно и на младите да им се понуди перспектива и да се помогне развојот на цивилното општество.

NO FLASH Revolution in Ägypten
Фотографија: AP

Рускиот претседател Дмитри Медведев по соборувањето на Мубарак ги повика Египќаните на „мир и хармонија“ меѓу религиите. Русија се надева на скор крај на демократскиот процес и слободни избори, се вели од Кремљ.

Кина реагира воздржано

Многу помалку ентузијастички од промените во Египет се покажа кинеската влада. Пекинг се надева дека „најновиот развој на настаните во Египет колку што е можно побрзо ќе води кон повторно национално стабилизирање и ќе помогне за воспоставување јавен ред“, изјави портпарол на Министерството за надворешни работи на Кина. Пекинг вниматлено ја следел промената на власта во Египет и се надева на здрави и стабилни односи со Каиро, додаде портпаролот.

Египетскиот претседател Хосни Мубарак вчера со своето семејство побегна од Каиро во одморалиштето Шарм ел Шеик, откако народот продолжи со протестите, незадоволен од неговиот говор претходната вечер, во кој тој најави пренесување надлежности на потпретседателот Сулејман, но дека и натаму останува на функцијата. Според агенциите, екс-претседателот Мубарак и натаму е во Шарм ел Шеик.

Автор: ЖА/АТ/дпа/ртре/афп/дв

Редактор: Александра Трајковска

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема