1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Смртоносен напад во Египет

СН/ам/афп/мф/дпа24 декември 2013

Детонацијата на автомобил бомба се случила во градот Мансура околу сто километри северно од главниот град Каиро. Во меѓувреме 450 припадници на Муслиманското братство кои се наоѓаат во затвор стапија во штрајк со глад.

https://p.dw.com/p/1AgFW
Фотографија: Reuters

Најмалку 14 лица загинаа, а над 100 се повредени во силна експлозија на автомобил-бомба во близина на полициската станица во градот Мансура, административен центар на провинцијата Дакахлија, 120 километри северно од Каиро, соопштија изутрината египетските власти. Експлозијата била толку силна што се урна дел од четирикатна зграда, а голема штета е причинета и на околните згради.

Привремената египетска влада за нападот ги обвини Муслиманските браќа, кои премиерот Хазем Беблави ги прогласи за „терористичка организација“. Портпаролот на египетската влада Шериф Шафки изјавил дека Муслиманските браќа го покажале своето грдо лице на терористичка организација со тоа што пролеаја крв и ја загрозија безбедноста на Египет“, пренесе агенцијата МЕНА. Никој ја нема преземено одговорноста за нападот, додека пак Муслиманските браќа остро го осудија нападот:

„Муслиманското братство овој акт го смета за директен напад врз единството на народот на Египет и бара итна истрага со која сторителите на ова злосторство ќе бидат изведени пред правдата“, стои во пишаната реакција со осуда на нападот во Мансура.

Во меѓувреме 450 припадници на Муслиманското братство, кои се наоѓаат во затвор, стапија во штрајк со глад. Исламистите со тоа имаат намера да протестираат против затворските услови кои ги означуваат како нечовечки. И водечките членови на Муслиманското братство, кои се наоѓаат во затвор, се приклучија кон штрајкот со глад. Тие беа уапсени и затворени откако претседателот на Египет од редовите на Муслиманските браќа, Мохамед Мурси, по масовните протести на почетокот на јули годинава беше соборен од власт од страна на војската и беше уапсен. Дали и самиот Мурси пристапил кон штрајкот со глад - доосега е непознато.