1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

211111 Ägypten Lage

21 ноември 2011

По насилните протести во Египет од викендот, утринава (21.11) на плоштадот Тахрир во центарот на Каиро владееше напнат мир. Демонстрантите бараат побрзо повлекување на армијата од власт.

https://p.dw.com/p/13EA5
Фотографија: dapd

Повеќе од 10 загинати и илјадници повредени е билансот на безредијата што на викендот го зафатија Египет. Во меѓувреме протестите и немирите се проширија и на други градови, како на пример Александрија, каде исто така имало жртви. На главниот плоштад во Каиро, каде на почетокот од годинава се случуваше египетската револуција, утринава беше мирно, но по околните улици демонстрантите се‘ уште водат спорадични борби со полицијата.

Брза мобилизација

Причина за насилните протести беше обидот на силите за безбедност да растурат помал број демонстранти кои кампираа на плоштадот Тахрир. Ним набрзина им притекнаа на помош голем број демонстранти, така што на крајот плоштадот се наполни со повеќе десетици илјади лица. Меѓу нив имаше и исламисти и комунисти и либерали... сите ги здружи како ретко кога барањето за окончување на воената диктатура. Генералите, имено, ја презедоа власта во февруари по паѓањето на диктаторот Хосни Мубарак по серијата масовни демонстрации против неговото долгогодишно владеење.

Proteste gegen ägyptischen Militärrat in Kairo
Фотографија: dapd

Спорна улогата на армијата

Демонстрантите прво се помирија со владеењето на армијата како преодно решение, но сега станува јасно дека таа нема намера така лесно да ја напушти власта, туку презема чекори за да го зацврсти своето владеење. Така неодамна се појави предлог документ, кој предвидува во новиот устав на Египет армијата да добие посебен, автономен статус. Генералите меѓу другото самите би требало да решаваат за големината на воениот буџет на земјата. Младите Египќани, кои ја изнесоа на свои плеќи револуцијата, не сакаат да се помират со таквиот статус на армијата. Таа треба да биде под контрола на народот, како во секое демократско уредување, бараат тие, а не војската да го контролира и да владее над народот. „Има само едно барање и ќе останеме на улица додека тоа не биде исполнето: пренос на власта од армијата на цивилна влада. Не сакаме повеќе владеење на армијата!“

Proteste gegen ägyptischen Militärrat in Kairo
Фотографија: dapd

„Претседателски комитет“

Протестите од саботата се проширија на повеќе делови од Каиро. Така демонстрантите тргнаа кон министерството за внатрешни работи. Но, во тоа ги спречи полициски кордон, така што дојде до улични борби. Откако голем број демонстранти во саботата и неделата останаа на Плоштадот на слободата, вчера попладне здружени воени и полициски сили одеднаш се втурнаа во масата и почнаа да стрелаат околу себе. Демонстрантите прво панично се разбегаа, но многумина набрзо се вратија на плоштадот. И останаа до претпладнево, опстојувајќи на барањето за окончување на владеењето на армијата. Една од активистките на плоштадот вели дека демонстрантите би се сложиле и со пренос на власта на „претседателски комитет“, во кој ќе седат политичари, на кои народот им верува. Голем број од демонстрантите се залагаат и за одложување на парламентарните избори закажани за наредната недела. Но, Воениот совет и преодната влада нагласија дека нема отстапување од закажаниот термин.

Автор: Бјерн Блашке / Горан Чутаноски

Редактор: Симе Недевски