1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Еден чекор поблиску до конечна победа за Ромни

11 јануари 2012

Мит Ромни победи на предизборите за претседателски кандидат на Републиканците во Њу Хемпшир. Предноста за разлика од Ајова овојпат беше голема. Добар предуслов за наредната рунда.

https://p.dw.com/p/13hJE
Мит РомниФотографија: AP

За Мит Ромни изборите во Њу Хемпшир беа натпревар на домашен терен. 64- годишниот политичар е познат во оваа сојузна држава, таму има викендичка и од 2002 до 2006-та година беше гувернер на соседен Масачусетс. Така единствено се поставуваше прашањето, колку висока ќе биде победата за Ромни. Со 39 насто освоени гласови предноста пред второпласираниот Рон Пол кој освои 23 проценти е многу комотна.

Мит Ромни вечерта при победничкиот говор беше видно задоволен:

„Денеска напишавме историја“ , им порача тој на неговите приврзеници. И навистина од 1976-та година наваму ниту еден републикански натпреварувач за претседателската кандидатура не победил истовремено во Ајова и во Њу Хемпшир.

Претседателски говор на Ромни

Фактот дека неговата победа во Ајова беше само со осум гласови предност, повеќе не игра никаква улога. Со двете победи Ромни стекна значителен поттик за наредното гласање во сојузната држава Јужна Каролина. А доколку победи и таму тогаш претседателската кандидатура му е практично в џеб, истакна Ендру Смит политиколог од Универзитетот Њу Хемпшир во телеконференција со странските новинари.

И така во неговиот победнички говор Ромни се претстави претседателски и не ги „чепкаше“ конкурентите во сопствениот табор, туку го напаѓаше претседателот Барак Обама.

Меѓутоа битката за претседателски кандидат на Републиканците се’ уште не е завршена. Сите предизвикувачи на Ромни остануваат во трка.

USA Präsidentschaftskandidaten der Republikaner
Претседателските кандидати на РепубликанцитеФотографија: AP

Второпласираниот Рон Пол истотака беше воодушевен од добриот резултат. Во Ајова конгресменот од Тексас беше на третото место. Неговиот залет меѓутоа може да биде сопрен веќе во Јужна Каролина кога изборната машинерија се сели од мала во голема сојузна држава каде наместо воодушевените приврзаници на кои Пол може да се потпре, најголема улога играат парите.

Надежите во Јужна Каролина

На третото место во Њу Хемпшир можеше да се радува Џон Хантсман кој до скоро беше амбасадор на администрацијата на Обама во Кина. Тој не беше толку присутен во Ајова и сите сили ги насочи кон Њу Хемпшир. Стратегија која се исплатеше. Но и за него важи дека е малку веројатно да се носи со финансиски силниот Ромни долго во изборната трка.

Веднаш зад него беа поранешниот сенатор од Пенсилванија Рик Санторум, кој во Ајова беше изненадувачки второпласиран и поранешниот спикер во Претставничкиот дом, Њут Гингрич. Но и на двајцата исто како и на гувернерот на Тексас Рик Пери им се даваат значително поголеми шанси на изборите во конзервативната сојузна држава Јужна Каролина каде што гласањето ќе се оддржи на 21 јануари.

Автор: Кристина Бергман/ Симе Недевски

Редактор: Борис Георгиевски