1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Единаесет милиони сонувачи во САД

Сабрина Фриц / Елизабета М. Фиданоска28 јуни 2013

Американскиот Сенат донесе закон кој на доселениците им отвора простор за надеж дека може да станат американски граѓани без неопходните документи. Но, согласност треба да даде и Претставничкиот дом, а таму ќе биде тешко

https://p.dw.com/p/18xpR
Фотографија: Getty Images

Потпретседателот на САД Џо Бајден лично го соопшти резултатот - 68 гласови „за“ и 32 гласови „против“. И иако во Сенатот се бара строга дисциплина, неколкумина посетители, со маици на кои беше напишано „Единаесет милиони сонувачи“, од трибината викнаа „Yes we can!“.

Со новиот закон единаесетте милиони доселеници се приближија до остварување на својот сон - некогаш да добијат легална дозвола за престој во САД. Со законот е предвидено следното решение за лице кое илегално престојува во земјата: Лицето мора да докаже дека нема криминално досие, ако не плаќало данок, тоа треба да го стори дополнително и конечно - мора да има работа. По десет години, доколку се исполнети овие услови, лицето може да побара Зелена карта, а три години подоцна да побара и американско државјанство.

Републиканецот Ренд Пол гласаше против законот. Тој стравува дека границата кон Мексико е премалку обезбедена и дека во земјата и натаму доаѓаат илегалци: „Не гласав ЗА, затоа што стравувам дека со тоа не се решава проблемот на илегално доселување.“

Barack Obama Einwanderungsreform 11.06.2013
Барак Обама е соочен со големи пречкиФотографија: Reuters

Сенаторите одлучија да бидат дадени дополнителни 30 милијарди долари за обезбедување на границата кон Мексико. Ќе бидат вработени 20.000 нови граничари, а ќе биде изградена и ограда долж границата, долга од околу 1000 километри.

Но, сето тоа на републиканците не им е доволно. Тие прво бараат безбедна граница, а потоа нов закон. Сенаторот Џон Корнин од Тексас вели: „Државата мора да докаже дека фаќа 90 проценти од луѓето кои се обидуваат да влезат илегално во земјата и дека ги враќа назад.“ Дури потоа тој би гласал за законот.

Претседателот Барак Обама е соочен со голема пречка за законот, кој му „лежи на срце“. Законот треба да добие виза и од Претставничкиот дом, а таму мнозинство се републиканците.