1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Една по една, Бајерн и‘ ги одзема титулите на Борусија

Б. Георгиевски/дпа/дв28 февруари 2013

Откако изградија речиси недостижна предност во Бундеслигата, фудбалерите на Бајерн Минхен синоќа се погрижија да го остават големиот ривал Борусија Дортмунд без титулата и во германскиот куп.

https://p.dw.com/p/17nau
Фотографија: picture alliance/AP Photo

Голот на Холанѓанецот Арјен Робен пред крајот на првото полувреме беше доволен за победа на Бајерн Минхен над големиот ривал. Четвртфиналниот дуел во германскиот куп мина во тактичко надмудрување во кое домаќинот, Бајерн имаше далеку повеќе од играта и повеќе шанси за гол од Борусија, а мечот на крајот го одлучи извонредниот удар од 20-ина метри на холандскиот интернационалец, кој во последниот период не е стандарден член на првиот тим на Баварците. Мотив повеќе за Бајерн беше и минатогодишниот катастрофален пораз од Борусија во финалето на купот во Берлин од 5:2.

Во тековната сезона Борусија Дортмунд влезе како двоен првак, бранител на титулите во домашното првенство и во купот. Шансите за одбрана на титулата во Бундеслигата младиот тим од Дортмунд ги загуби одамна, а разликата со водечкиот Бајерн во меѓувреме достигна 17 бода на 11 кола пред крајот. Единствената шанса за Борусија сезонава беше во купот, но Баварците се покажаа како непремостлива пречка. Добрата вест за Борусија, е што со оглед на релативно сигурната позиција на табелата, тимот сега може да се концентрира на настапите во Лигата на Шампионите. Во слична позиција е и Бајерн. Двата тима имаат позитивни резултати од првите мечеви во осминафиналната фаза на Лигата на Шампионите, против Шахтјор, односно Арсенал.

FC Bayern München - Borussia Dortmund Arjen Robben
Арјен РобенФотографија: AFP/Getty Images

За Бајерн сепак останува обврска повеќе, а тоа е освојување на германскиот куп, што би претставувало големо задоволство и за тренерот Јуп Хејнкес кој во богатата тренерска кариера досега не го освоил овој трофеј.

Потенцијални противници на Бајерн во полуфиналето се Штутгарт, Волфсбург и Фрајбург. Штутгарт во средата го елиминираше второлигашот Бохум, откако го совлада пред домашните навивачи со 2:0.

Во вторникот, Волфсбург беше поуспешен од Офенбах, нагости со 2:1, додека Фрајбург го елиминираше Мајнц, по продолженија, со 3:2.