1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Едни бараат, други...

Бернд Ригерт8 февруари 2008

Ангажманот во Авганистан се заканува да го подели НАТО или можеби, сепак, не? Министрите за одбрана на алијансата заседаваат во Вилнус.

https://p.dw.com/p/D4Gv
Канадски војник на НАТО во АвганистанФотографија: AP

Команданот на НАТО во Европа, американскиот генерал Џон Кредок, проценува дека во Авганистан недостигаат уште 7 300 војници за меѓународните заштитни сили да можат да си ја исполнат задачата целосно. Во моментов во мисијата ИСАФ има 43 илјади војници. Засилување за ИСАФ е особено потребно во завојуваниот југ и исток на Авганистан.

Канада бара партнер на југот на Авганистан

Канадскиот министер за одбрана, Питер Меккеј, побара илјада војници од друга земја членка на НАТО, или во спротивно Канада ќе мора да ги повлече своите 1 800 војници од Кандахар: “Да бидеме отворени – Канада бара партнер за југот, кој ќе може да ја врши задачата во Кандахар за да се обезбеди сигурност, да се заштити обновата и да се надгледува подрачјето кое ние го оценуваме како начин за снабдување на Талибанците од Пакистан.“

Sicherheitskonferenz in München - Robert Gates
Американскиот министер за одбрана, Роберт Гејтс бара поделба на товарот

Американскиот министер за одбрана, Роберт Гејтс, уште пред да пристигне во Вилнус од сојузниците побара поправедно носење на товарот во НАТО, или во спротивно се заканува поделба: “Многу сме загрижени поради можноста алијансата да се подели на две класи – на оние кои се подготвени да се борат за безбедноста на луѓето и да умрат за тоа, и на оние кои тоа не се.“

Гејтс и од Германија бара трупи на југ

Гејтс и од Германија писмено побара да испрати дополнителни трупи на југ на Авганистан. Досега, 3 200 војници на Бундесверот се распоредени во помирниот северен дел на земјата и се грижат за обновата. Министерот за одбрана, Франц Јозеф Јунг отфрла испраќање трупи на југ на Авганистан, зашто за такво нешто не би била постигната согласност во рамки на големата коалиција во Берлин. Јунг најави можно решение: “Има различни нации, од Франција преку Полска до Романија, не можам да ги набројам сите, кои сигнализираа дека сакаат да испратат засилување. Оттука, сметам дека недостигот на војници ќе биде пополнет од страна на НАТО.“

Ова е можеби малку избрзано. Ниту данскиот министер за одбрана, Сорен Гаде, ни генералниот секретар на НАТО, Шефер, не можеа да ја потврдат ваквата сметка на германскиот министер. Гаде изјави дека имало само неколку ситни најави, а Шефер рече – сеуште не сме стигнале дотука. Можеби на самитот на НАТО во април ќе се знае повеќе. Судирот, значи, продолжува.

Министрите за одбрана на НАТО, меѓутоа, се единствени во ставот дека мисијата на алијансата на Косово мора да биде продолжена и тоа независно од тоа дали и кога Косово ќе прогласи незaвисност.