1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Еднонасочна улица до заморениот Брисел

С.Н/емф/ск/отс/мг8 декември 2013

Фамозниот замор од проширување на Европската унија повторно е на дневен ред по не толку европските случувања во Хрватска. Сепак, оние кои донесуваат одлуки секогаш внимателно велат: да, ние сме за проширување, меѓутоа...

https://p.dw.com/p/1AV30
Фотографија: pro.media kommunikation/APA-Fotoservice/Lechner

Каде одиш Европо? Ова беше централното прашање на медиумската средба која вчера (07.12) се одржа во австрискиот скијачки центар Лех на Арлберг. Гости на дебатата, покрај австриски пратеници во Европскиот парламент и германски политичари специјализирани за европски прашања, беа и еврокомесарот за регионална политика Јоханес Хан, хрватскиот министер за труд Мирандо Мрсиќ и заменик-министерот за надворешни работи на Албанија, Сокол Дервишај.

Учесниците на собирот кој по седми пат се одржува во ова австриско одморалиште немаа усогласени мислења за натамошната судбина на ЕУ. Додека албанскиот претставник јасно се залагаше за проширувањето, еврокомесарот Хан, но и останатите претставници на земјите-членки на Унијата беа скептични. Тие укажаа на бројните внатрешни структурни проблеми, како во самата ЕУ, така и во земјите кандидати, кои би требало да бидат решени до наредното проширување.

Хрватскиот министер за труд и пензиски систем Мирандо Мрсиќ рече дека Хрватска е среќна што во меѓувреме влезе во Европската унија. Веднаш потоа истакна дека треба да се ублажат големите очекувања: „Ќе потрае додека да можеме да ги почувствуваме предностите од влегувањето во ЕУ“, смета Мрсиќ. Досега само можеа да се почувствуваат внатрешните проблеми на Хрватска, како високата невработеност кај младите и големата задолженост на државата.

Johannes Hahn EU Kommissar für Regionalpolitik
Еврокомесарот за регионална политика Јоханес ХанФотографија: picture-alliance/dpa

Сомничавост

Заменикот министер за надворешни работи на Албанија, Сокол Дервишај, истакна дека за земјите од Југоисточна Европа нема алтернатива за приклучувањето кон ЕУ: „Европа е еднонасочна улица. Нема враќање назад. ЕУ е нашата цел.“, истакна Дервишај. Тој го критикуваше нерешителниот став на земјите-членки во однос на земјите кои сакаат да влезат во Унијата, кои пак таквото однесување го доживуваат како недоволно почитување на нивниот труд.

Политичарите од земјите од ЕУ покажаа резервираност кон албанските аспирации. Потпретседателот на Европскиот парламент Отмар Карас предупреди дека најнапред итно треба да се решат некои внатрешни проблеми:„Сѐ уште преовладува националниот начин на размислување во ЕУ. Европската политика мора да биде внатрешна, а не надворешна политика.“

Клаудија Дер Фос, директорка на секретаријатот за европска политика во германското министерство за економија рече дека е „подобро да се дејствува побавно“. Еврокомесарот Хан беше малку поотворен кога станува збор за проширувањето на Унијата, велејќи дека земјите од Западен Балкан мора да станат членки на Унијата. „Турција сепак е тешка тема“, додаде австрискиот политичар.