1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Езерото е благодет, како да се сочува?!

20 јуни 2010

Охрид, Поградец и Струга по 10. пат го одбележаа празникот на Охридското езеро. Тоа ги зближува, но и ги тера да најдат форма да се грижат за него. Желбите се големи, а во практиката многу идеи не се остварени.

https://p.dw.com/p/NxpD
Фотографија: DW

Не до крај спроведената децентрализација во Македонија и Албанија е главната кочница заштитата на Езерото и крајбрежјето да се одвиваат далеку побрзо, отколку што е во реалноста. Државата не ни‘ дава одврзани раце, изјави градоначалникот на Охрид, Александар Петрески. Сличен е ставот и на првите луѓе на Струга и Поградец со кои Дојче веле контактираше неодамна, а вчера, иако најавени не се појавија на 10-годишнината од одбележувањето на Денот на Охридското Езеро.

На двата брега , слични проблеми

Локалните власти од трите крајезерски градови имаа слични проблеми: како да го заштитат езерото и богатиот фонд од ендемична флора и фауна од загадување и исчезнување, да ја канализираат забрзаната урбанизација. Заглавена во бирократските лавиринити е идејата за бродската линија меѓу трите града. Пред една деценија беше потпишана Декларација за заштита на Охридското Езеро. Ефектите од неа се мали и речиси невидливи. Туризмот е нашата регионална шанса, вели градоначалникот Петрески:

Ohrid Tag des Ohrider Sees Fahrrad-Tour
Велосипедска тура „Заобиколи го езерото - почитувај го езерото“Фотографија: DW

„Поградец за развој на туризмот ја гледа шансата преку Охрид. Ние не гледаме конкуренција во Поградец. Едноставно се надополонуваме. Има туристи кои доаѓаат во Охрид и сакаат да одат до Поградец. Настапуваме како еден регион заедно со Струга. Мислам дека во туризмот имаме одлична соработка.“

Со велосипеди околу езерото

Ниту невремето не беше пречка 60 велосипедисти, аматери од Охрид, Поградец, Корча и Тирана рекреативно да го обиколат Охридското езеро. Генералниот директор на велосипедската асоцијација на Албанија Генц Анѓели е среќен што беше дел од проектот:

„Овој ден е историски за Охрид и Поградец. Заеднички ја органзиравме велосипедската тура со симболично име „Заобиколи го езерото - почитувај го езерото“. Ги пречекавме македонските велосипедисти кај Свети Наум и со нив заедно поминавме низ Поградец и Лин и од другата страна на езерото излеговме на Ќафасан . Така заедно, за осум часа, со мали паузи го заобиколивме езерото. Ние обичните луѓе сакаме мир и соработка меѓу двете земји. Младите генерации сакаат да се зближат преку спортот, културата и слободното движење во регионот. Така настанот ја надминува спортската димензија.“

Albanien Land und Leute See Ohrid ind Dorf Lin
Ефектите од Декларацијата за заштита на Охридското езеро се малиФотографија: Mimoza Dhima

Александар Јованоски организатор на рекреативниот маратон е оптимист дека тој за брзо ќе ги надмине локалните рамки:

„Оваа тура ќе прерасне во велосипедска трка на балканско, а можеби на европско ниво. Условите околу езерото нудат голема можност, она што ни‘ е дадено од бога да го „спакуваме“ за да имаме интерес од странските екипи коишто присуствуваат на Ѓиро Де Италија , на Тур де Франс...“

Охридската локална власт во пресрет на почетокот на летото се обиде со празникот на Езерото да го означи и стартот на главната туристичка сезона. Со убава замисла за Охридска бела ноќ, но слаб одзив од угостителите и туристичките работници, ама и низа организациски пропусти.

Автор: Милчо Јованоски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска