Еквадор му даде политички азил на Асанж
16 август 2012Министерот за надворешни работи на Еквадор, Рикардо Патињо соопшти дека неговата земја одлучила да му даде политички азил на основачот на Викиликс Џулијан Асанж. Британската влада изрази разочараност од одлуката, но најави дека тоа нема да ја спречи нејзината намера да го екстрадира Асанж во Шведска каде е осомничен за сексуален напад.
Патињо оцени дека Асанж е соочен со политички прогон од страна на САД и други земји, и дека нема да добие фер судење во Шведска.
Британската полиција во текот на денот уапси неколку демонстранти кои се собраа пред амбасадата на Еквадор во Лондон за да му изразат поддршка на Асанж. Собирот започна откако британските власти се заканија дека ќе упаднат во амбасадата за да го уапсат Асанж и да го екстрадираат во Шведска. Основачот на Викиликс одлучи да побара азил и се сокри во амбасадата на Еквадор пред околу два месеци, откако британскиот суд ја одби неговата жалба на одлуката за екстрадиција.