1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Еквадор ја повика на консултации амбасадорката од Лондон поради Асанж

ЕМФ/дв/миа23 јуни 2012

Во спорот околу основачот на интернет-платформата Викиликс, Џулијан Асанж, Еквадор ја повика својата амбасадорка во Лондон на консултации. Асанж во Еквадорската амбасада во Лондон побара политички азил.

https://p.dw.com/p/15KCr
Фотографија: Reuters

Еквадорскиот претседател Рафаел Кореа на радио најави дека „овој случај ќе биде разгледан со исклучително голема претпазливост, одговорност и сериозност“. Еквадор „нема да прифати каков и да е притисок од кого било“, рече Кореа. Амбасадорката Ана Албан поради тоа е повикана во земјата на куси консултации. Асанж стравува дека доколку биде испорачан од Велика Британија на Шведска, потоа ќе биде испорачан во САД, каде му се заканува судски процес за издавање државна тајна, со оглед на тоа што Викиликс објави документи на американската влада околу војните во Ирак и Авганистан.

Еден од најсилните поддржувачи и бранители на Џулијан Асанж и на неговото илегално објавување на американските доверливи државни документи, Џамима Кан, вчера (22.06) побара од основачот на Викиликс да оди во Шведска и пред тамошните правосудни власти да се одбрани од обвинението за силување и за сексуално насилство. Кан е ќерка на британскиот милијардер Џејмс Голдсмит и е поранешна сопруга на пакистанскиот играч на крикет, а сега политичар, Имрам Кан. Нејзиниот брат Зак Голдсмит е пратеник на владејачката конзервативна партија во Велика Британија. Таа е еден од главните донатори на парите за плаќање на кауцијата за поранешниот австралиски хакер. Ова е првпат таа или некој друг од најблиските поддржувачи на Асанж да побара од него тој, сепак, да се соочи со правдата.

Rio+20 Rafael Correa
Рафаел Кореа: Еквадор нема да прифати каков и да било притисокФотографија: picture-alliance/dpa

Британскиот Врховен суд на крајот на мај ја потврди пресудата на Општинскиот суд во Лондон за екстрадиција на Асанж во Шведска, а минатата недела го одби неговото барање за повторно разгледување на неговиот случај. Асанж, кој следната недела требаше да биде префрлен во Стокхолм на сослушување, избега од станот кој му беше определен за живеење додека беше на слобода со кауција и се сокри во Амбасадата на Еквадор во Лондон, каде побара политички азил. Еквадорските власти, кои претходно најавија решавање на барањето во рок од 24 часови, сега соопштија дека им е потребно повеќе време за испитување на целиот случај.