1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Еквидистанцата помало зло од ексклузивитетот

Катерина Блажевска31 октомври 2012

Политиката на еквидистанца кон соседите е анахрона, но помалку штетна од политиката на ексклузивитет, се согласуваат и аналитичарите и политичарите. Преседанот со српската прослава отвора многу дилеми

https://p.dw.com/p/16ZpP
Фотографија: Fotolia/Bastos

Ексклузивитетот што му беше даден на официјален Белград за одбележувањето на српската победа над осмалиската власт во Кумановската битка 1912 година, ден кога воедно почнала и српската окупација на Македонија, го отвори прашањето за селективноста на македонската политика во односот кон соседите. Иако владејачката ВМРО-ДПМНЕ се огради од чинот, со став дека тоа не e празник што треба да го прославуваат Македонците, остана непобитен фактот дека на манифестацијата официјално присуствуваше министерката за култура, Елизбета Канческа-Милевска.

Ако политиката на еквидистанца што ја водеше поранешниот претседател Киро Глигоров не даде резултати, тогаш овој ексклузивитет сигурно е неколку пати полош од еквидистанцата, сметаат аналитичарите и политичарите. Владејачката ДУИ, која заради овој настан беше критикувана од опозицијата во албанскиот блок, вели дека ниту учествувала, ниту поддржува манифестација во која една држава има ексклузивитет.

„Политиката на еквидистанца кон соседите е анахрона, а политиката на ексклузивитет - штетна. Затоа, ДУИ се залага за регионална соработка во рамките на иницијативата на НАТО и ЕУ-вели портпаролот на ДУИ, Бујар Османи.

Tomislav Nikolic Präsident Serbien
Српскиот претседател Томислав НиколиќФотографија: Reuters

Непринципиелна политика

Со принципот на соседски ексклузивитет не се согласуваат ни поранешните македонски премиери. Се прави преседан кој носи повеќе штета отколку корист, вели екс-премиерот Владо Бучковски. „Во изминатите 20 години бевме понижени со тоа што не ни дозволуваа да го одбележиме Првото заседание на АСНОМ во „Св.Прохор Пчињски" на територијата на Србија. Ако се уште важи соопштението на ВМРО-ДПМНЕ за нивните заложби за нови европски вредности, би било добро тоа го испочитуваат и со другите соседи - со Бугарија за прослава на Илинденското востание, но и со Албанија кога ќе се слави 100-годишнината од албанското знаме. Додека тоа не се случи, давањето ексклузивитет на Србија е погрешен потег- оценува Бучковски.

Немам зборови за нашата непринципиелност, вели поранешниот премиер Љубчо Георгиевски.

„Бугарија две години зборува за одбележување заеднички настани, за кои навистина има основа. Наместо тоа да го сметаме за наша победа, затоа што тие досега се обидуваа да држат монопол врз некои историски личности и настани, ние им велиме: Не, не сакаме! Да потсетам, командантите во Илинденското востание команданувале и со бугарски чети, кои во ист момент и со иста наредба се кренале и во Одринско. Наместо ние да ја славиме таа победа, даваме ексклузивитет да се слави црниот ден на македонската окупација. Ме плаши тоа незнаење или тој систем - вели Георгиевски.

Слепи за реалноста

Уште пред прославата на 100-годишнината од Кумановската битка, во Бугарија веќе се отвори прашањето за повластениот однос на Македонија кон Србија.

Се отцртува предавството кон македонската независност и за тоа не може да се молчи, изјави неодамна бугарскиот универзитетски професор, Пламен Павлов, за агенција „Фокус".

Prime Minister Ljubcho Georgievski
Љубчо ГеоргиевскиФотографија: AP

„Парадоксално е што Македонија одбива секаков дијалог со Бугарија за одбележување какви било годишнини, и тоа многу поважни од кумановската битка, што не тера на размислување", оцени Павлов. Според него, во истиот дух била прославена и независноста на Македонија, исклучиво со југо-ѕвезди, а без учество на бугарски и други, иако форматот бил балкански концерт.

Новинарот и политички аналитичар Назим Рашиди смета дека на Македонија и е тешко да воспостави нови концепти денес, бидејќи политичарите не ги гледаат или не ги прифаќаат новите реалности.

„Кога почна да се применува политиката на еквидистанца, немаше никакво присуство на претставници Албанци во институциите и тоа се доживеа како чекор против нивните интереси. Но и ексклузивитетот кон Србија денес, повторно ќе се смета како чин против албанските интереси. Тешко беше да се спречат српските влијанија врз Македонија за време на Милошевиќ, тешко беше тешко да се признае независноста на Косово, па дури и сега во 2012 година на Македонија и е тешко да го запре одржувањето на една туѓа манифестација во земјава", вели Рашиди.

Но, во едно се согласни сите - еквидистанцата како концепт од минатото денес е невозможна, но во однос на повластениот однос кон еден сосед, таа сепак наликува на „помало зло".